Наместо парите да беа вложени во изградба на една реверзибилна хидроцентрала, централниот дел на нашиот иден електроенергетски систем базиран на обновливи извори на енергија, којашто бргу би ги враќала вложените пари, вака парите ќе бидат позајмени за нашите општини кои допрва ќе одлучуваат во што да ги вложат, со крајно неизвесен исход. Можеме да претпоставиме во што ќе ги вложат, во разни прескапи и лошо направени чешми, патеки и улици, кои никогаш нема да можат да ги вратат вложените пари. На крајот Владата повторно ќе мора да се задолжи, а со тоа и сите ние, за да можеме да го одложиме враќањето на овој непотребен долг - и така во недоглед.
Ова личи на некакво присилно задолжување со нејасни цели, за кое допрва мора да се бара пласман на парите - колку само да се оправда задолжувањето. За профитабилноста никој не размислува.
Дали некој од нас би подигнал кредит за дома, само затоа што бил под поволни услови, за отпосле да мисли на што ќе го потроши, притоа не мислејќи дали и како ќе го врати?
Ова на најдобар начин покажува до каде се стигнува ако правилно не се определат приоритетите и не се мисли за повратот на инвестицијата. Никако да сфатат дека ние немаме ни време, ни маневарски простор за непродуктивни задолжувања, туку мораме исклучиво да се задолжуваме заради вистински потребни, профитабилни, а пред сé брзоповратни инвестиции.
За два месеци не можеле да се направат ни идејни проекти, ни физибилити студии (економски и технички), ни прелиминарни, ни главни проекти, за да се знае цената на чинење, без што задолжувањето нема никаква смисла и домаќинска оправданост. Ова се сведува на исто како задолжувањето за непотребните и губитнички автопатишта, направени без никакви анализи, студии или проекти од страна на претходната штеточинска власт.
Со новододадениот долг, само годишниот трошок за камати ќе достигне 300 милиони евра, што ние ни сега не сме во состојба да го плаќаме без ново задолжување, а за отплата на главницата и да не зборуваме.
Ние не сме во состојба да ги враќаме долговите. Напротив, секој изминат ден додаваме по 2 милиони евра нов буџетски дефицит, односно по 720 милиони евра на годишно ниво, што се финансира со задолжување. Во меѓувреме, не инвестираме во проекти што ги враќаат парите и ја намалуваат задолженоста, туку напротив, во магловити „проекти“ што го зголемуваат каматниот трошок и вкупниот долг, без никаква економска оправданост, исплатливост и профитабилност. Сето тоа во името на некакво божемно „остварување“.
Ова должничко ропство нема да се заврши добро, единствено не знаеме кога ќе се распрсне меурот од сапуница, односно кога ќе се урне оваа кула од карти.