Митови и легенди за крајот на Македонија

Од многуте решета со кои деновиве низ Македонија северно-македонските мечкари плашат небањати мечки, нај-спуки е она решето кое нон-стоп штрака дека ако Македонија не влезе во НАТО у во ЕУ, ќе се случи граѓанска војна која ќе доведе до нејзин распад. Ај да си играме бајрам со умот, па да видиме што ќе се случи ако биде и таќе и оваќе.

СЦЕНАРИО ТАЌЕ:

Референдумот на Зоран Зајеб пропаѓа скроз.

Албанија, кај и да е, влегува во ЕУ.

Македонските Албанци изразуваат желба дека сакаат да живеат во иста унија со своите сонародници од Албанија, а не со Македонците и останатите мрзи кои не излегле да гласаат за таа опција.

Македонските Албанци насилно ги отцепуваат македонските територии на кои тие се мнозинство (притоа соочувајќи се со реален проблем: како Скопје и Куманово да ги доближат на пет километри до Гостивар и Тетово - оти во спротивно пола народ ќе им остане во Македонија).

Единствен начин присоединувањето да успее е Албанија, сега веќе членка на ЕУ, да изврши анексија на општините во Македонија во кои Албанците се мнозинство - со се оние во кои се и малцинство, под услов да се од левата страна на автопатот Тетово-Скопје-Куманово. Може малце и од десна, не е страшно.

Веднаш потоа Бугарија, уште една членка на ЕУ, извршува анексија на рестото од Македонија, по принципот "Земи, аго, што ти драго!".

Во Брисел, седиштето на слободната Европа, се поздравуваат овие анексии со кои се ставил крај на низа политички спорови помеѓу Албанците и Македонците, Македонците и Бугарите, Грците и Македонците, Грците и Бугарите, Власите и Кара-власите, скопјаните и охриѓаните...

За првпат по поделбата на Полска од страна на Хитлер и Сталин, две европски држави парчосуваат трета. Овојпат проследено со аплаузи од Лисабон до Варшава, и од Копенхаген до Биоград на мору.

Се разбира, Грција не седи мирна за да гледа како два соседни конкурента и ја земаат тампон-зоната која со децении ги делеше Јорговци од останати балкански Вилотиќи. Што ќе прави Грција? Нејќеш да знаеш.

На ова се приклучуваат и Косоварите на кои никако не им влага во глава зошто овие папучариве од Македонија, кои со децении бегале од пушка, сега да бидат во Албанија - за разлика од нив кои кревале пушка поише од тегови, а не се во Албанија?

Нормално, Србите во БиХ реагираат: "А бе, пеери, нели немаше мењавање граници?". И се разбира, одма потегнуваат менување граници, односно присоединување на Република Српска со Србија. Притоа и тие се соочуваат со ист проблем како и Албанците: како некако да направат Бања Лука да искача на брегот на, ако не Морава, тогај барем Дрина.

Како контра-реакција на српската иницијатива, Хрватите од БиХ купуваат едно триста милиони метри бодликава жица која ја оптегнуваат околу Херцег Босна. Колку да не им бега топката дур тренираат за наредно Светско првенство.

Бошњаците, кои како и обично немаат баш некој избор, се нафаќаат баш на тој избор што го немаат - па почнуваат да прават бељи низ Санџак, Република Србија. Не за друго, туку да не биде дека само тие седеле мирни. Бошњачките бељи ги користи Ердоган за некоја своја наредна кампања за што-и-да-е. Како? Си знае Ердоган како.

По кампањата на Ердоган, ред е да се вклучи и Путин. Тој не само што прави анексија на сè што ќе му се ќефне низ Украина (пошто нели, таква е а-ла-маседуан модата во ЕУ - оти па тој да е покус?), туку присвојува и сè друго низ комшии што мисли дека некогаш ќе му затреба (Фински, Мински, Латвии, Матвии и останати Естонии).

НАТО по повод ова заседава и си го гризе гзот што било кога им текнало да ја канат Македонија во НАТО.

Во меѓувреме, по принципот "нијесмо ни ми шугави", истиот процес на отцепувања и анексии се шири низ Каталонија, Баскија, Северна Ирска, Шкотска, Курдистан...

А за сето тоа време, катрљони бегалци од Сирија си поминуваат низ Македонија на пат кон Клагенфурт небаре кул им е, двор им е - пошто ја нема повеќе онаа каква-таква македонска полиција да им вика "Ај ве молам еден по еден, не сите заедно ако може..."

И како и обично, никој ни со прст да мрдне во Вашингтон.


СЦЕНАРИО ОВАЌЕ

Референдумот на Зоран Зајеб успешен до немајкаде.

Албанија влегува во ЕУ некаде помеѓу 2025-та и 2030-та.

Македонија веднаш после неа, некаде околу 2030-та, 2031-ва, најдоцна 2035-та...

Македонските Албанци изразуваат желба дека сакаат да живеат во иста унија со своите сонародници од Албанија. Никој не им брани, ама ќе мораат да сочекаат да станат дел од Шенгенската зона.

До 2040-та Албанија влегува во Шенгенската зона.

Македонија, заради проблемот со бегалците кои веќе 20 години ѝ дремат по бегалски кампови, влегува нешто подоцна - да речеме околу 2045-та, плус-минус некоја година.

Отприлика некаде во тоа време во Албанија се воведува еврото како валута. Во Македонија уште не, бидејќи доколку тоа се случи - ќе нема од што да живеат менувачниците ширум земјата, па можат да настанат социјални немири.

Македонските Албанци масовно патуваат кон своите собраќа од Албанија, на пат на кој не им стои повеќе ништо - освен менувачницата на Вицето, кој дава најповолен курс доколку на секои сто евра уплатиш едно евро на визионерот кој сета оваа хармонија ја има овозможено.

Во меѓувреме во Вашингтон, президент Путин тера трет мандат по ред.

Big Brother

26 јули 2018 - 20:58