Најчесто одат да работат како градежни работници во Грција, но и насекаде низ Европа. Штом спечалат доволно, со радост се враќаат во својата земја, која многу ја сакаат.
Албанија помина тешки времиња во минатото. Ние повозрасните знаеме дека заради пребегување преку граница на еден член на семејството, цели семејства биле депортирани во логор за време на владеењето на Енвер Хоџа. Дури ни после неговата смрт во 1985 година работите многу не се смениле цели 10 години - Рамиз Алија бил речиси ист како Енвер Хоџа. Се сеќаваме и на јуришот на граѓаните на магацините со оружје, претоварените бродови со очајни луѓе кои од Валона се обидувале да стигнат до Италија, во потрага по подобар живот.
Цели петнаесетина години Албанија беше во хаос и бунило. Но, после 2000-та година започнаа да се гледаат првите резултати, првите пари започнаа да се слеваат во татковината. Започна градежниот бум низ целата земја. Не зборувам за албанската ривиера и хотелите, бумот секој може да го види дури и во македонското село Пустец во Преспа. Пустец го паметиме по трошните куќички и сиромашните и измачени луѓе, со „уз врат“ џемпери и ветвите алишта. Но после само 20 години во Пустец повеќе нема една трошна куќа - сите се заменети со нови, на темелите од старите. Жалам што морам да кажам, но македонските села сега изгледаат посиромашно и понеуредно од албанските.
Што им понудила македонската држава на своите граѓани, особено на младите, освен сеопшта партизација и метастазирана корупција? Понудила 155 лажни факултети, сега додуша поднамалени на 134, каде се добиваат дипломи коишто не носат ниаква реална вредност. Слично било и во Албанија. Според кажување на самите Албанци, нивните факултети биле најобични продавници на дипломи. Дури и возачките дозволи најпрво се купувале, а потоа луѓето се учеле да возат.
Благодарение на Еди Рама, кој наредил да се затворат 70% од факултетите, работите прилично се нормализирале. Освен тоа, младите сфатиле дека работата на градилиште во Грција ќе им донесе повеќе пари отколку тие лажни дипломи, па престанале и да се запишуваат. На тој начин е постигната извесна рамнотежа, па денеска тие малкумина дипломирани можат да се надеваат на добра работа и плата. На пример, благодарение на градежниот бум, изградбата на многубројните хотели и згради, денеска платата на електроинженер изнесува до 3.000 евра, за работа на електричните инсталации. Големата побарувачка за квалитетни инженери најмногу кажува дека времето на хиперпродукција на дипломи е минато.
Само ние, во жална Македонија сé уште ги замајуваме младите со нашите 134 факултети, каде секој мора да заврши за да можат тие факултети да го оправдаат своето жално постоење. Жално изгледаат и најавите за некакви божемни реформи во нашето образование, коишто не нудат ништо суштинско. Суштинска промена би била затворање на 100-105 факултети и сведување на нивниот број на состојбата од 8 септември 1991 година, односно на 30-35 факултети во целата држава. Доколку го видиме тоа, ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат, наместо вака да се самозалажуваме.
Албанија има проблеми со државната корупција и со презадолженоста. Од нула надворешен долг за времето на Енвер Хоџа, долгот им надминал 90% од БДП. Изградиле експресни патишта, но со тесни бавни ленти - изгледа дека преку ширината на асфалтот нашле начин да ги искрадат парите. Автопатот нема жичана ограда. Но сепак, по патиштата се забележува жив сообраќај, особено од камиони, што сведочи за растечката стопанска активност. Но, најважно од сé е што кај луѓето се вратил оптимизмот, токму она што нам како народ ни фали.
Млади од цела Албанија преку летото работаат на албанската ривиера. Слушале од своите баби и дедовци за Енвер Хоџа, но за нив тој е само приказна, најважно е да се гледа нанапред.
Разговарајќи го гостопримливите домаќини научив и за некои регионални карактеристики на луѓето во Албанија. На пример, дека во Ѓирокастра (инаку родниот град на Енвер Хоџа) живеат многу работливи и особено штедливи луѓе. Во јужна Албанија речиси сите се православни христијани, но религиозноста во Албанија генерално е многу ниска, за разлика, да речеме, од кај нас.
Тоа е исто така последица од владеењето на Енвер Хоџа, кој ги урнал сите цркви и џамии (освен православната црква во Корча, каде што се школувал). Неговата доктрина гласела: не очекувајте ништо од небото, вашата религија е Албанија. На работните места ги терал луѓето да јадат свинско месо, па така и денеска муслимание немаат проблем со јадењето свинско.
Мажот и жената се чувале еден од друг, бидејќи не знаеле кој е соработник на тајната служба „Сигурими“. Но, колку и да бил параноичен како лидер, сепак на жените веднаш им дал право на глас, дури и пред да добијат такво право во цивилизираната Швајцарија.
Во македонските села во Албанија називите се двојазични, а некаде и еднојазични, односно македонски. Звучи нестварно, но Енвер Хоџа сепак национално не ги репресирал Македонците, инаку во спротивно не би останал ниту еден Македонец, ниту пак македонскиот јазик. Жално е што денеска, во 21. век бугарската пропаганда успеала да ги однароди речиси сите Македонци. За тоа сведочат бугарските регистарски таблици на речиси сите автомобили во Пустец.
Во секој случај, останува заклучокот дека во Албанија младите гледаат перспектива, одат на печалба и размислуваат за враќање, а во Македонија единствено размислуваат за трајно иселување. Успеавме да уништиме сé што ни остана од времето на Титова Југославија и ништо ново да не изградиме.