Зелени њоки, ретки како фоки у фиоки

Повеќе од јасно е дека компирот е кулинарскиот Олимп. Тој е темелот, сигурноста, прегратка во форма на јаглехидрати. Њоките од компир се класика со причина, исто како што барокната музика е класика иако не е компонирана во класичниот период. Но тоа е некоја друга тема. Мора да бидеме искрени и да признаеме дека компирот малку знае да е досаден во својата непогрешливост. Тој е „сигурен глас“ на секоја софра.

Ама затоа грашокот е чистокрвна политичка провокација. Да го извлечеш од анонимноста на замрзнувачот и да го претвориш во њоки е класичен пуч на рингла. Тоа е како да земеш некој тивок библиотекар и преку ноќ да го направиш лидер на радикално движење.

Инспирацијата за овој рецепт не доаѓа од носталгија, туку од една специфична форма на инает. Дедо ми викаше дека инаетот, ако бил пари, тој ќе бил најбогат во цела Југославија. Додека глобалните пазари се тресат како трактори  а економските прогнози изгледаат како да ги пишувал Кафка додека слуша Ипче Ахмедовски, во кујната се случува еден суптилен преврат.

Овие њоки се „храбар твист“; тие ја користат истата механика на традиционалните њоки, но му го одземаат правото на компирот да биде единствениот носител на вистината. Зелената боја не само за око, туку за поматување на сметките. Таа е потсетник дека и во најстабилните системи (како што е италијанската паста) постои простор за девијантно однесување кое, на крајот, изгледа проклето добро.

Додека во Брисел или Вашингтон машно-носците дебатираат за транзиции кои никој не ги разбира, вие во вашата кујна правите транзиција од скроб во протеин со леснотија на искусен дипломат, шо нема платено патарина никогаш.

Андијамо. 

Намирници

За њоките:

  • 400 г грашок (од конзерва или варен, темелно исцеден)
  • 250 г пченично брашно тип 400 1
  • лажичка морска сол

За сосот:

  • 250 г чери домати (разнобојни за визуелна театралност)
  • 3 лажици маслиново масло (екстра невино, како Артан Нежни)
  • 50 г рендан пармезан
  • Свежо мелен црн бибер

Постапка:

Ставете го грашокот во блендер и претворете го во мазна, елитистичка паста. Ниту една лушпа не смее да го наруши овој зелен континуитет.

Формирање на сојузот:

Во длабок сад измешајте ја пастата со брашното и солта. Замесете тесто кое е доволно цврсто за да држи форма, но доволно меко за да не изгуби од својата софистицираност. Додавајте брашно само до моментот кога тестото ќе престане да биде лепливо.

Обликување:
Обликувајте мали, рамномерни топчиња.

Термичка обработка:
Варете ги њоките во зовриена вода со многу сол. Процесот е брз - штом ќе испливаат, нивната мисија во тенџерето е завршена.

Интеграција на вкусовите:
Во широка тава, на умерено загреано масло, пропржете ги преполовените чери домати. Тие треба да омекнат и да се предадат на маслиновото масло, создавајќи ја подлогата за њоките.

Соединување:
Префрлете ги њоките во тавата. Протресете нежно за да не ја нарушите нивната структура. Секоја њока треба да биде совршено обложена со сосот.

Финиш:
Послужете веднаш. Додајте го пармезанот и биберот како последен слој на заштита од баналноста на секојдневието.

Скокајте главечки.

На здравје!

Кирил Стоименов - Њоки Њаев

28 февруари 2026 - 20:06