Потребни состојки:
- брашно 300 г
- путер 250 г
- сол
- вода
- шеќер 200 г
- микс шумско овошје 400 г
- цимет
- скроб 40 г
- лимон
Од другарките за роденден добив електрична вага. Многу ѝ се израдував и решив веднаш да ја употребам. Многу ми беше жал на крај на готвењето како изгледаше, целата испофаќана со брашно, леплива, ама ја средив и сега е пак како нова. Ај тоа, него како бе така не даваат батерии заедно со вагата! Нели купуваш телевизор и во кутијата го наоѓаш далечинското во ќесичка со две батерии. Пошто си го реков ова истото во моментот кога видов дека нема батерии, ми текна и да ги извадам од далечинското (многу ми доаѓа да си го напишам даљинско, ама ај).
Паралелно правев два рецепта. Едниот е овој што денес го читате, а другиот е тесто за пица (за неколку дена ќе ви го пуштам). Дали може да си замислите како изгледаше кујната?!
Бидејќи имам и нова тава за вакви рецепти, а и отсекогаш сум имала желба да направам америчка пита, онаква со ленти одозгора. Ќе ви кажам дека тестото е мнооогу добро, а филот можете да го правите со кое било овошје. Јас одбрав микс на шумско овошје и плус за одозгора топка сладолед од ванила. Многу нешто ми затопли времево, па да се освежам. Хехе!
Значи, рецептот 👇👇👇
Чекори за подготовка:
- Прво ќе го направиме тестото. Во длабок сад ставете го брашното и една лажичка сол. Измешајте убаво за да се распореди солта насекаде. Додадете 220 г од путерот (мора да биде од фрижидер), но претходно пресечете го на мали коцки.
- Со врвовите на прстите, а не со цела дланка (за што помалку да го стопите путерот со вашата температура), полека почнувајте да ги спојувате путерот и брашното. Треба да добиете една смеса што наликува на трошки.
- Додадете 90 мл вода. Ќе заборавев, водата мора да биде многу ладна. Ако имате во фрижидер, од таа да земете. Почнете да ја месите смесата. Така едно 3-4 минути. Ќе добиете убаво тесто. Оставете го да одмори 15 минути.
- Додека одмора тестото, ќе го направите филот. Во тенџерче измешајте ги шеќерот, скробот, прстофат сол, цимет и 80 мл вода. Промешајте со рачна маталка додека не се изедначи смесата. Измерете 100 г од миксот на боровница, брусница и аронија. Сакав да ги одвојам само боровинките, ама ме мрзеше да требам, па ја употребив мешавината таква како што е. (Морав и слика од новата вага).
- Ставете ги во смесата што ја направивте во тенџерчето.
- Ставете го на рингла и мешајте додека не почне да врие. Откако ќе зоврие, мешајте уште 2-3 минути, додека не забележите како полека добива една мала густина. Тргнете го да се подолади малку. Измерете по 150 грама од другите овошја. Јас одбрав малина и јагода.
- Јагодите пресечете ги на пола и заедно со малините ставете ги во смесата со брусница и промешајте.
- Се враќаме на тестото, сосот нека си седи. Размесете го уште 3-4 минути. Поделете го на две топки, од кои едната да биде малце поголема.
- Направете дискови од истите и завиткајте ги во стреч фолија. Нека седат во фрижидер 1 час. Во меѓувреме, направете си кафе и запалете си цигарче (ако не сте пушач, направете си само кафе) :).
- Ок, помина еден час. Наросете брашно на рамна површина и расукајте ги тестата. Првото, поголемото, расукајте го и ставете го во тава.
- Ставете го филот, ставете го остатокот од путерот, или 30 г, пресечен на коцкички. Краевите со нож исечете ги, но оставете 1-2 сантиметри.
- Размесете го другото тесто и пресечете го на ленти дебели 1-1,5 сантиметар.
- Лента по лента ставајте ги постепено и плетете ги.
- Подолгите ленти слободно скратете ги и покријте ги со краевите на долното тесто. Печете во веќе загреана рерна 10 минути на 200 степени и уште 45 минути на 180 степени.
- Извадете ја решетката од рерната и ставете ја онаму каде што ќе ви се лади питата. Врз неа ставете ја питата и чекајте нека се олади. Извадете едно парче, наросете со шеќер во прав, малку цимет и одозгора ставете топка сладолед од ванила. Мњам!