
Класичното тирамису е малку... пасивно-агресивно. Те тера да чекаш со часови пред фрижидер, ти ветува „совршени пресеци“ кој обично завршуваат како тажна, кашеста пирамида низ чинијата, и успат те принудува да се бориш со оние досадни пишкоти (савојарди) кои или се тврди како двопек или се распаѓаат. Кој има време за таа егзистенцијална телевиса презента?
Затоа одиме со топчесто уедноставување на комплицираноста. Или симплификација, шо би рекол еден политички мудросер од Галичко. Идејата е сурова и брилијантна: зошто да го редиме тирамисуто во слоеви кога можеме да го деконструираме, да го сомелеме неговиот егоцентричен карактер и да го претвориме во нешто што можеш да го јадеш додека одиш, без да изгледаш како да се бориш со лазањи со вкус на кафе.
Тука ја прескокнуваме неизвесноста со живите јајца (бидејќи, сериозно, кој сака салмонела уз кафето?) и одиме директно на суштината. Блендерот ни е најдобар другар, тој ги претвора гордите пишкоти во фин песок, подготвен да го впие маскарпонето како сунѓер. Математиката е јасна: минимален напор помножен со максимален вкус, поделено со нула валкани садови. Резултатот е концентрирана доза на италијански хедонизам, спакувана во сфера која е неподносливо секси.
Листа на соучесници:

- 200гр пишкоти/савојарди/бискоти
- 100гр маскарпоне
- 50мл еспресо (црно како владини бизниси)
- 1-2 лажици шеќер
- Темно какао
- Опционално: тапа-две рум
Оперативен план:
Уништување на доказите:
Фрли ги пишкотите внатре. Пушти го блендерот на најсилно додека не станат прашина.
Големото соединување:
Во тој песок, додај го маскарпонето и истури го кафето. Гледај како сувата материја го губи својот идентитет и станува една густа, заводлива маса.
Одиме мануелно:
Измешај сè со лажица (или раце, ако сакаш да ја почувствуваш текстурата меѓу прсти). Треба да добиеш тесто кое е послушно и не се лепи премногу.
Геометрија:
Обликувај топчиња. Не мора да бидат совршени затоа што органскиот изглед му дава „рустичен“ шарм на твојот мрзлив гениј.
Кадифен прекривач: Извалкај ги во какаото. Какаото е тука за да ја сокрие секоја несовршеност и да даде горчлив контраст на слатката внатрешност.
Ладен туш:
Остави ги во фрижидер барем еден час или во комора 20-тина минути. Тие треба да се „соберат“ и да станат доволно цврсти за да пружат отпор пред да се стопат во уста.

Јас уз овие куглици искуглав едно пола литро коњак. Онако, клинички.
Кирил Стоименов - фан на Биг Лебовски