Бакардан

Кога селото ќе го донесеш во град!

Потребни состојки:

  • пченкарно брашно 1кг
  • вода
  • сол морска 2 лажички
  • путер

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат, штом тапан ќе грмне со подземен екот....

Ах кога ќе ги чујам тие зурли и тапани, тоа чувство, тоа ежење не се издржува.

Имам израснато во Галичник. Родното село на татко ми. Буквално таму роден, на чардак. Растев со баба ми и дедо ми, цело лето, секое лето. Бркав кокошки низ двор и молзев кози. Јадев бакардан за доручек, ручек и вечера. Се лулав на дрвена лулашка закачена на дебелата гранка од оревот среде двор. Истата ја местеше дедо ми поткачен на дрвено рачно направено столче и притоа му се клатеа нозете заедно со столчето, неможејќи да држи рамнотежа.

Секое лето, традиционално, се одржува Галичка свадба. На Петров ден. Секое лето, на тој ден ме будеа зурли и тапани. Не пропуштав ниту една свадба. Како што поминуваше време, се случи да заминам. Неколку години не бев во Македонија, работев по бродовите низ светов. Не ми текнуваше на Галичник, нормално, откривав многу нови места. Се вратив пред две-три години. Е тогаш, тогаш ми се потврди колку ги сакам тие звуци на зурли и тапани и колку всушност ми фалеле.

Затоа сега лето не пропуштам. А Тешкото, кога ќе почне Тешкото, солзи ми доаѓаат. Радост ме обзема и ме тера на плачење, од убаво. За да биде позабавно и за да не се чека лето, во саботата се одржуваше Мијачка вечер. Собрани луѓе од тој крај, од Гари, Лазарополе, Скудриње и останати села. Како што кажав, го донесовме селото во град.

Беше свадба ама без невеста. Не е битно, битно се играше Тешкото и битно тапаните и зурлите беа таму.

Се заигра и едно оро кое првпат во животот го видов. Со преубав ритам и чекори кои не можев да ги пратам. Прашав кое е, од каде е, ми кажаа дека е од Скудриње и се вика Жангулица. Искрено, многу им се восхитував.


Таа вечер како низ брз филм ми поминаа сите спомени, а највеќе бакрданот на дедо ми и чварките скриени под него. Затоа, во негова чест, ќе пробам да ви го доловам неговото правење. Јадење со две состојки, но не баш едноставно на правење.

Посветено на дедо ми Павле Камилоски

Чекори за подготовка:

  1. Земете големо три-литарско тенџере и наполнете го до пола со вода. Навалете го под агол од 45 степени. Водата треба по дијагонала да ги спојува горниот дел од тенџерето и почетокот на дното. Вишокот вода ќе се истури сама.
  2. Ставете ја солта и чекајте да зоврие. Откако ќе зоврие намалете ја температурата на пола. Полека истурајте го брашното на средина. Брашното ќе остане на површината од водата. Треба да направите форма во вид на вулкан. Со лажиче/прст на врвот од брашното направете дупка.
  3. Се вари 75 до 90 минути без да ја промените температурата. Значи на тивко.
  4. При крај на времето од варење, ќе приметите водата од страните како пожолтува. Тогаш ќе го тргнете на страна. Ќе земете дрвена лажица и со рачката ќе почнете да го мешате. Нема да го мешате стандардно во круг, туку во линии, на некој начин ќе го дробите.
  5. Ќе добиете суви грутки, тоа и е поентата. На тава ќе растопите путер (или маст) и ќе ставите онолку колку што сакате да послужите. Убаво ќе го запржите, само внимавајте да не ви загори.
  6. Обавезно послужете со парче овчо сирење. По желба и овчо кисело млеко. По желба и чварки. По желба и кобасици....

За богат вкус:

За да не правите чварки, испржете свинско месо на коцки и додадете ги.
21 март 2016 - 12:09