Морков салата

За сите љубители на ракија, а и за останатите!

Потребни состојки:

  • моркови
  • млад лук
  • брусница
  • вински оцет
  • зејтин
  • сол 

Оваа салата ја пробав кај една пријателка на вечера, пред години. При првиот залак одма знаев, ова одма мора да се каже на моја фамилија. За да ви биде појасно, дозволете да ви ја претставам.

Мајка ми, доцни пеесети, најголема поддршка на татко ми, уметник во душа, измислува рецепти кои не ги памти за да ги направи по вторпат, мој херој. Не пие ракија.

Татко ми, рани шеесети, висок со бркови, цел живот угостител, ме сака највеќе во свет ама не ми кажува тоа за брат ми и сестра ми да не љубоморат, редок карактер, секогаш во право (не), при монтирање на било што по дома вели "овој дел е вишок". Пие ракија.

Брат ми, рани триесети, висок, црн, заљубен во опера и добра кондура, пее на секоја собиранка, константно се откажува од цигари и ми го пуши тутунот, сака да е Италијанец. Пие ракија.

Сестра ми, средни дваесети, најмлада и најниска хехе, со совршен хумор, веќе мажена со дете, 10 години вегетаријанка која падна на мирисот на сланина и ја проба, ме смее до солзи, гледа туторијали на инста. Пие ракија.

Зет ми, рани триести, плав со плави очи, големо срце, дромец, фан на Металург. Пие ракија.

Тетка ми, доцни шеесети, секој втор збор пцовка, све знае поготово политика (не), цел живот на штикли, дотерана дури и за до продавниче, со другарките шета во Ситимол и пие кафе за 10 денари од апаратчето во Силуете, секогаш налакирани нокти. Пие ракија.

Братучед ми, доцни триесети, за струја е тата мата, има теретана во гаража, прави најдобра туршија, се справува со пет жени (три ќерки, тетка ми и жена му). Пие ракија.

Жена му, постара од него и секогаш е она во право јер постара, мува не ја лази, скроз забавна, секогаш се дере на најстарата ќерка, секогаш доправа салати. Пие ракија.

Ова е мојата голема фамилија. Секоја недела се собираме на ручек и како што гледате, сите пиеме ракија освен мајка ми. Но се случува некогаш и тоа да го направи, чисто за живели. Сакаме да мезиме, на раат, масата е секогаш полна со три до четири салати. Со еден збор, сите сме гурмани.

Да се вратиме на муабетот со салатата. Нормално дека одма ја споделив и сите испопаѓаа во несвест. Можам да кажам дека откако ќе излезе младо лукче, нема ручек а да ја нема на софра. Една од најомилените. Ви ја препорачувам за предјадење со една ракија, да прочистите душа.

Чекори за подготовка:

  1. Изрендајте ги морковите.
  2. Ситно исецкајте го младото лукче и додадете го.
  3. Додадете ја брусницата.
  4. Додадете зејтин и вински оцет. Можете и јаболков во случај ако винскиот ви е јак.
  5. Зачинете со сол, промешајте и уживајте во неверојатниот вкус. Живели!

:

14 март 2016 - 00:12