„Третирајте се самите себеси како што би сакале другите да ве третираат. Пошто ако самите себе не се третирате, другите само ќе ве малтретираат.“ - рече еден демотивационен говорник и остана жив. Експертите советуваат дека е здраво повремено да се третирате ко ‚кинески кралици‘ и дека доколку си дадете повеќе на самите себе си, можете и да барате повеќе од самите себе си. Нормално дека немам докази за овие теории пошто ги измислувам моментално додека куцам. Тастатурата ме гледа и не ѝ се верува. Себе-почастувањето е навистина поволен ветер во едрaта на животот. Имало периоди кога сте се утепале од работа и обврски, дајте ѝ на крај на таа душа, напрајте им F5 на нервите.
Не мора тоа да биде нешто прескапо, недостижно. Појдете туристички низ животот и најдете уметност во малите нешта. Така ќе си поминете позабавно. Јас пред некое време се освежив со овој кулинарски бакшиш шо не знам како да го наречам. Нит е пита, нит е галет, нит е Софка, нит е Коштана. Крцкава, кремаста лисната убавица. Спремни дигестивни бакнежи за околу пола саат. Време-зашпарувачки рецепт.
Мушнете се помеѓу двете точки и прочитајте како:
Стартуваме со два пендрека праз. Ги сецкаме на мали парченца. Ги убацуваме во 300 грама рикота заедно со 70 грама тврдо пекорино, сол, бибер и лук во прав. За локал патриотите, наместо рикота - урда, наместо пекорино некое биено овчо. И мир у куќа. Филот ни е спакуван.
Сега футролата. Две парчиња лиснато тесто. Со помош на две чинии со различен радиус отсекуваме два круга. Остатоците од тесто ги замрзнуваме и чуваме за некои следни авантури. На поголемиот го нанесуваме филот оставајќи два сантима од страната. Со помалиот круг го покриваме филот. Со тестото што стрчи од големиот круг правиме преклоп, а на преклопот вез по некој импровизаторски дезен.
Оџак: на центарот од тестото внимателно отсекуваме мал круг со дијаметар 1 см. Овака нашето уметничко дело ќе може ‚да дише‘ и подобро да ја испече внатрешноста.
Лакирање: едно јајце, сматено, четка и изразен афинитет кон пост-ескпресионизам. Ја поминуваме целата површина. На крај со тапата страна од ножот правиме уште по некоја линија. Не е задолжително. Нашиот хедонистички третман е спремен за у рерна. На 200 степени по стариот добар пироман - Целзиус, пола саат. Кога е доволно потемнета, ја вадиме. Нека стивне 20 минути.
На крај сецкаме на старошколски четврт и добиваме две крцкави тестени загради полни со бело-кремасти дидаскалии. Празот гали по синуси. Растопеното сирење - визуелен рај. Кокаинската белина од рикотата/урдата стаписува.
Не дозволувајте други да ви раскажуваат.
Кирил Стоименов - сениор уживател