Хипстерите од силициумската долина моментално фураат тренд на микродозирање со печурки. Наводно, психоактивните својства и ефекти од печурките во мали дози им ја подобрувале концентрацијата и креативноста, им го разглорувале либидото, им го остреле фокусот и биле далеку попродуктивни отколку ‘трезни‘.
Види, можеби. Но тоа е ју-ес-оф-еј, таму праќаат на лечење од алкохолизам ако ти се фатиле три свадби у месец дена.
Поентата ми е, они се познати по правењето од игла-воз и паѓањето и несвест за ствари шо кај нас би предизвикале обична ‘мех‘ реакција. Затоа, јас како стар давач на шанси, фино-лепо си порачав печурки од сортата Psilocybe Mexicana (у Холандија се легални), педантно поделени по таман дози за недела дена микродозирање. Бидејќи сум алергичен на ‘зборење на памет‘ и ‘лупање од ракав‘ тези и заклучоци, си реков дај да пробам на своја психа, па да видам дали ќе ми се потврди античко-македонската скепса за сè шо мрда или пак ќе си докажам нешто спротивно. Бидувањето скептичен е здраво само доколку сте отворени да согледате нешто поинакво и да научите. Ако поаѓате од магарешка позиција на ‘кој си па ти да ми кажеш‘ тогаш не сте скептични. Тогаш веројатно сте глупи и ограничени. Не вие, зборувам за таму едни, не ги знаете. Вие сте најдобри у свет.
И кркам така ја ден-два-три по една доза, ништо, ни да ме такне, шо би рекол легендарниот Пикац од ‘Ќе се вратат штрковите‘. Како да сум испил ‘Валеријана‘. Бреј мајката! Четвртиот ден решив да дуплирам доза. Како Пикац. И би дуплирање. Си бачкам така јас по двор кога од еднаш почнаа да ме лазат невидливи мравки по целото тело. Во моментот пилав лајсни за у дневна, па си викам ај можда е од прашината. Но, се испостави дека не било од прашината. Малце сум ја претерал дозата. Една ми беше малце, две ќе да се ногу. Преслаб за кикбокс, прејак за рокенрол, да го цитирам примариус Неле Карајлиќ. Ме обзеде некоја исконска осама и почувствував интензивен наплив од мисли кои беа коктел од комични, немили, легендарни и тривијални спомени.
Низ бунило успеав да се довлечкам до троседот. Затворив очи, легнав во поза на покојник и чекав да ми почине егото. Така велат искусните психонаути: за да се родиш од ново, треба прво да цркнеш. И што полоша ќе ти биде ноќта, толку подобро ќе ти биде утрото. Скроз контра од кога пиеш алкохол.
Но, наместо двобој со егото, доживеав сосема поразлична епифанија: во привид ми се јави богот на непсихоактивните печурки - Свети Шампињон Лисичарски. Со длабок и авторитативен баритон поддржан од reverb на 3-ка, ми се обрати со следната наредба:
“Станувај волу волосан, не тука си легнал како да позираш за гоблен, оди право у кујна и прави сѐ што ќе ти кажам“.
У кујната ме чекаа 250 грама шампињони и 250 грама лисичарки. Спастрени, измиени и спремни за припремање. Веднаш исфолозофирав: дали човек се припрема за спремање или се спрема за припремање?! Но светецот продолжи да ги вдахнува своите инструкции во моите секуларни синапси:
“Исецкај ги печурките на ленти. Во тава со загреано масло пропржи ги едно 6-7 минути. Откако се навлажнат, довлажни ги со 200 милилитри бело вино. Уз виното додај и две гранчиња рузмарин. Динстај на тивок оган 7 минути. Извади го рузмаринот, си свршил тој работа. Додај 3-4 лажици сенф. Нормално, сенф со цели зрна, не биди евтин како просечен политичар од република нивната земја. Промешај“.
Потоа се префрламе на млечната страна од приказната:
„60 грама путер и 200 мл хопла/крем фреш. Нека жуборкаат вака додека сосот не се згусти. На крај ситно сецкан магданос. Е, вака се третираат печурки, чедо мое меџикмашрумско. Сакаш користи ги како додаток уз паста или месо, сакаш мези си ги, сакаш послужи ги како главно јадење. Ајде сега, слободен си, враќај се у реалноста и чини абер, нека чујат и почујат сите за ова ремек дело.“
Така и бидна. Уживајте во овој одличен рецепт од мојот имагинарен ортак. Слободно може да се предозирате!
Кирил Стоименов - Ботаничар