Замисли дека си некаде во Патагонија, залутан длабоко низ Андите, скиташ после церемонија со ајахуаска, сам на себе си шаман, сам на себе си демон. И додека ослободеното ди-ем-ти ти го покажува патот кон тајната за вечна насмевка, цревата почнуваат да си го бараат своето следовање. А гладен човек не може ни да халуцинира ко шо треба.
За среќа, во далечината слушаш пригушено ехо од пијандурски џагор. Поволниот ветер ти праќа акустични сигнали кои ти се патоказ кон буката. Се наближуваш. Звукот е сѐ поинтензивен. Станува јасен. Слушаш како група мажи зборуваат на некој груб и древен, за тебе туѓ и непознат јазик.
Одеднаш си на една чистина, мини висорамнинка, каде што војници испоседнале околу логорски оган над кој што виси некое котле и полу-пијани гласно дискутираат. Пред тебе истапува една човечка громада, со чоперашка брада и тапациран мустак.
„Здраво живо, дете“ - громогласно отпоздравува со длабок никотински баритон.
„Ја сам Дедо Иљо Малешевски, а тове е мојта чета, ШЧО ИСКАШ?“
Прво мислиш дека си начисто полуден, но откако астрално се враќаш при себе, сфаќаш дека тоа е стварно беровскиот Рамбо. Со четата. Дошле во Јужна Америка да крадат семе за компир и да носат за Берово. Иљо мајсторе, психијатре, докторе.
„Нешто си ми ж'т, седи туа, праеме компир манџа, вечерај сос нас“.
Оди па одби го.
„Тове са шо че пробаш е беровские еликсир за вечна потенција и анти-фригидност, а оти сам добро расположен, ќе ти кажа и рецетата“
Вака зборуваше источно-македонскиот Заратустра (ќе парафразирам на ‚литературно‘):
Прво сецкаш на ситно пиперка, црвена за ајвар, но и да имаш во некоја друга боја, ништо страшно, ќе брка работа. Спремаш две гранчиња рузмарин, 10-тина маслинки исечени на пола, црвен кромид на лајсни и 150 грама сланина спастрена на коцки.
Во тенџере на слабо-умерен оган растопуваш 100 грама путер. Ги додаваш зарзеватите да се пропржат. Во меѓувреме лупиш 400 грама компир, го средуваш на коцки со големина на зарови за јамб и ги додаваш во иноксното џакузи. Промешуваш.
После 5-6 минути во тенџерето додаваш микс од брашно, малку вода и црвен пипер. Кога брашното и путерот ќе се допрат ќе направат основна за сос, кај попозната како запршка. Зарзаватите ќе почнат да закремуваат.
Додаваме сол+бибер+лук во прав и ги водопадизираме со литро ипол вода. Промешуваме. Откако манџата ќе почне да врие, фрламе говедска коцка бујон, а за најхрабрите имаме бонус состојка: тврдиот крај од парче пармезан! Ова е опционално. Нека се вари на умерен оган едно саат време. Пробувајте, додавајте сол ако треба, компирот трпи.
Кога манџата е готова, дотураме грст ситно сецкан магданос.
Дополнителен совет: доколку ја сакате погуста, земете пасерка за пире, и згмечете неколку пати така што компирот ќе пушти од скробот и ќе ја згусти манџата. Јас ја правам повеќе црево-прочистителна. Послужуваме!
И дедо Иљо тука вика:
„И гледам пиеш од тове дрогите туа по гората, абе земи рачија Господ да те виде“.
И го снема со камера-ефект како у македонските народни приказни кога умира некој.
Кирил Стоименов, записничар