Карфиол Велингтон

Техниката за увелингтонување на нештата е едноставна: имате парче месо, или зеленчук, или нешто по дома шо не ви треба, го мотате во неколку парчиња сушено месо и на крај му задававате 'дупла заграда' момент со лиснато тесто. Печете и ‘пуф, магија’ - што би рекле влијателките по Тик-Ток.

Во оваа епизода во ‘Храна за плусосумнаесегодишњаци’ ќе исповелингтониме еден зеленчуков стрип-облак: карфиол. Карфиолот моментално е попопуларен од било кога, особено кај љубителите на фитнесот и оние што постојано се оптеретуваат по теретани. Поради неговите ниско-јаглехидратски особини, најчесто се користи како замена за ориз (рендан), а некои дури го користат како замена за тесто. Но ние не планираме да живееме како желки од Галапагос, па ќе го припремаме јуначки. Ако не сте големи фанови на карфиолот, останете до крај на рецептот и дозволете ми да ви променам мислење:

Започнуваме со цела топка карфиол. Го отстрануваме коренот и листовите. Загреваме вода во длабоко тенџере и целата топка ја вариме 12-15 минути. Вака омекнат го цедиме и го оставаме да чека.

Внатрешноста од карфиолот ќе ја наполниме со зелено-вибрирачка магија. Ќе направиме сос кој ќе појача на вкус, на арома, но и естетски.

Во блендер масакрираме многу магдoнос, две чешниња лук и 20-тина грама пармезан. Додаваме вода додека не добиеме полу-течна содржина. Не треба сосот да е премногу густ, како полесно би се сместил помеѓу карфиолските гранки. Го поставуваме карфиолот во ‘стој на глава’ позиција. Со лажица го истураме сосот за да се распространи насекаде подеднакво.

Оставаме две-три супени лажици, за да ги злоупотребиме за сосот број два.

Откако внатрешноста на карфиолот е наполнета, дното го пломбираме со две парчиња пршута и ја враќаме топката во првобитна лотус-позиција. Лефтерно го посолуваме. Потоа со парчиња пршута ја лепиме целата површина на карфиолот. Може да му зададете и дупли слој, но и само еден е доволно.

Овој прекрасен флоро-фаунест бакшиш го покриваме со лиснато тесто. Премачкуваме со едно сматено јајце, и по фасадата правиме дезен со тупата страна од ножот. Слободно изразете ја вашата креативност. На крај фрламе сусам и спремни сме за печење.

Печете според упатството на лиснатото тесто. Најчесто е 20-тина минути на 220. Кога кујната ќе ви замириса на путеришта, проверете дали тестото ја добило очекуваната жолто-кафеава боја. Ако да, вадете.

Додека овој бисер велингтонски се пече, ние го припремаме главниот сос. Просто ко пасуљ: во остатоците од зелениот сос додаваме 3 супени лажици мајонез, буковец и сок од пола лимон. Промешуваме и би сос.

Нашиот велингтонски протагонист го сечеме на четвртини. Сервираме во чинија, а до него посипуваме од сосот. Натаму џабе ќе пишувам, натаму се џвака и доживува. Ваквиот карфиол, освен главно јадење може да го послужите и како гарнир за некои бесни месишта. Одлично би парирал и со риба. Одлучете сами, возрасни сте!

Кирил Стоименов - Свеждер

4 јуни 2023 - 12:35