Потребни состојки:
- тиква 1/2
- кромид црвен 1/2
- чешне лук
- зрна бибер
- сол
- путер
- пармезан
Есен!
Ова е еден период што додека е лето и е пекол сите го посакуваат, а кога навистина ќе дојде, сите се нервираат бидејќи не знаат што да облечат. За зимски алишта да вадиш не си, за летни да тргаш исто не си, бидејќи, нели, може еден ден да затопли. Така да, носиш што ти дојде, барем ја. Некои уште шетаат по сандали, некои со бунди, некои со кратки панталони, а пак некои со сите три во комбинација. Види, сето тоа е ок сѐ додека комбинацииве не седнат на кафе заедно. Едниве се тресат али се шик, на другиве им е топло али што да праат, извадиле зимски, тргнале летни алишта. И така! Тоа е! Есен! Та среќа купив некои работи пред еден месец „сега за есенва“, па деновиве ги извадив етикетите и комплетно ми се најдоа.
Како и да е, она на што ме потсеќа есента е тиквата. Зборам за онаа портокалова со долгнавеста форма, која на крајот се проширува, или на англиски butternut squash. За многумина тиква си е тиква, но има разлика. Тиква како тиква или на англиски pumpkin е онаа во кружна форма што најчесто ја гледаме во филмовите на тема „Halloween“. Исто така е многу смешно кога во некое мени ќе прочитам „Супа од тиква“, а на англиски преведено „Zucchini soup“, или обратно за „Тиквици“ оние прженине преведено „Pumpkin“, али ок, тоа е друга тема на муабет.
Да се вратиме на рецептот и на најбрзата, наједноставна и највкусна супа, т.е. потаж (дека погуста).
Чекори за подготовка:
- Купувате тиква од пазар. Ја сечете на пола по должина. Едната половина ја виткате во фолија и ја ставате во фрижидер, за печење или пак за друг ден. На другата половина ѝ ги вадите семките и ја лупите со она за чистење компир.
- Ја сецкате на коцки. Ја ставате во тенџере заедно со пола кромид исечен на големи парчиња, едно чешне лук и неколку зрна бибер.
- Го полните тенџерето со вода и оставате да се вари. Не знам точно за време, да речеме 30 минути, но секогаш проверете со виљушка дали е целосно сварена.
- Откако ќе се свари, ја ставате во блендер со онолку вода, од самата тиква што се варела, колку што сакате да ви биде густа. Го додавате путерот, блендате, ставате сол по вкус и ја сервирате. Наросете мелен бибер и изрендајте мноооогу пармезан. Уживајте! (се излигавив)