Ваши височества, сместете се удобно во меките Ви тронови и дозволете ѝ на мојата маленкост, на вашиот дежурен стрво-предизвикувачки шут, арлекински да го развлече пергаментот и гласно да Ви го прочита овој величествен рецепт. Замислете ме како протоѓер облечен во карирано одело и ексцентрична капа, кој во стариот добар ‚Народе, чујте и почујте‘ фазон дошол да соопшти добра вест, да каже тајна чувана со векови, да наполни уши, да наполни душа, а богами и стомак.
Ролната хартија е развлечена, а таму на врвот во некој средновековен готик фонт блеска насловот:
ℑ𝔪𝔭𝔢𝔯𝔞𝔱𝔬𝔯𝔰𝔨𝔦 ℜ𝔬𝔩𝔞𝔱.
Веднаш ја премотуваме лентата и се селиме неколку векови напред, скокаме од темното доба во сегашно време, или како што тоа шампионски го дијагностицираше авторот на Симпсонови, Мет Грoeнинг, во своето друго чедо ‚Футурама‘ како ‚Глупо доба‘ (Stupid Ages). На радио во кола шушти некоја стара рок-опера. Низ текстот, исполнителот на оваа нумера (како Цветници, жаргон најјак) нежно пее за љубовни ветувања, па одеднаш се накурчува и вреска како ќе фател да се моли на боговите на сексот, тапаните и рокенролот. И ќе направел сè во име на љубовта, освен неколку ствари шо ги набројува низ строфите. Драми. Станува збор за I’d Do Anything for Love (But I Won’t Do That) од Meatloaf, ѕверот на којшто му пораснаа женски гради во кои Едвард Нортон во култниот ‚Боречки клуб‘ се исплака како тинејџерка после дефлорација.
Meatloaf е основата на нашиот денешен рецепт. Официјалниот превод кај нас е ‚месен ролат‘, ама ја мислам дека ‚месен сомун‘ или ‚ќофтест леб‘ се далеку посоодветни. Но, ќе одиме со православниот превод. Станува збор за месната смеса како за ќофтиња оформена во облик на леб и испечена во фурна. Ние денес ќе му подариме кралска нота на ролатот низ неколку маневри.
Ајде витези: 600 грама мелена мешавина од свинско и јунешко. Го ставаме во длабок сад. Прати сеа додатоци:
• кромид на ситни коцкички
• рендан морков
• рендан пармеза, 70 грама
• ситно сецкани буковки (може и шампињони или печурка по желба) 100 грама.
• магданос и рузмарин, такоџе ситно стокмени
• југословенската божица на поховањето - Презла, 30 грама.
• сол, бибер, оригано, лук во прав.
Иииииии акција.
Мешаме додека сите овие прекраснотии не се укомпонираат во хомогена смеса. Потоа врз даска за сечење поставуваме најлон фолија на која вертикално редиме 10тина парчиња сланина, пршута или било кое друго пушено месо. Практично ова ќе ни биде ризлата во која ќе го замотаме овој мрсен кулинарски џоинт.
Мастрафон, шо би рекле Битолчани, го нанесуваме врз парчињата месо. Оставаме сантим ипол простор од сите страни. По средината на оваа меленомесната полјана редиме парчиња кашкавал. Квадари. Јас одбрав стара гауда, вие како сакате.
Едната половина од смесата внимателно ја преклопуваме врз кашкавалот. Истото го повторуваме и со другата страна. Откако кашкавалот е невидлив, стартуваме со мотање на ‚ризлата‘. Си помагаме со фолијата.
Кога север и југ од сушените парчиња месо ќе се спојат, овој божествен цилиндер го мотаме во истата фолија, ги стегаме краевите и го складираме пола саат во фрижидер за да стегне.
Во меѓувреме рерната на 180. Стегната фрижидерска базука ја одмотуваме од најлонската фолија и правец на печење саат време. Вака испечена ја оставаме да олади барем 15-20 минути, за страстите, кашкавалот и џусовите да стивнат троа.
Сецкаме на парчиња со 2 сантиметри дебелина.
Нема што да додадам, вадам ферментирана алхемија да се одземам.
Кирил Стоименов - наранимајко