Халовински пркос: Kрем супа од тиква

Длабоко во ДНК-то на името шо го носам ми е втиснат мисионерскиот дух. Така, пред една сезона во нашата вкусна рубрика го исправославивме вештерско-католичкиот празник Халовин или кај нас попознат како Ноќта на инфлуенсерките со една фантастична тиква полнета со свинско (Хелоуин за православни). И оваа сезона ја продолжуваме традицијата.

Јас, како сениор тиквар егзекјутив, тиквата ја обожавам во сите нејзини форми, облици и бои што ѝ ги подарила Мајката Природа. Ја сакам и во солено издание и во блага варијанта. Како долгогодишен паталец со желудник и дигестија, тиквата ептен ми помогнала. Нашите баби стално ја форсираа. Нашите мајки поретко. Време е за ретро ривајвал. Ако може во модата и музиката, може и во во кујната.

Денес спремаме крем супа од тиква или потаж, како шо би рекле оние истите шо наместо предизвик викаат челинџ. Или таквите како мене, шо наместо преродба викаат ривајвл. Фаќаме малку модерна кривина во однос на традиционалниот рецепт, сè со цел да го направиме повкусен и содржаен.

Одиме:

Една тиква. Средна величина. Ја удираме на крст. Со нож. Четвртините ги чистиме од семки. Семките никако фрлање, туку зачинување и у рерна да се испечат. Треба ли некој да им прави друштво на 5-те пива после работа? Вака исчистените млади месечини ги сецкаме на коцки. Да, сосе кора.

Патем сецкаме и еден кромид, 3-4 чешниња лук и 10-тина грама ѓумбир. Сето ова го пржиме на загреано масло во тенџере. Зачинуваме со сол, бибер и црвен пипер. По 7-8 минути ги освежуваме компонентите со литар и двеста врела вода во која имаме растворено коцка зеленчуков бујон. Џиткаме и гранче рузмарин да парфемира. Супата ја вариме 20-тина минути. Повремено вадиме парче тиква и проверуваме дали е доволно меко.

Кога веќе парчето лефтерно ќе се распаѓа во рака, време е за блендирање. Но пред да блендираме, да објасниме што се случува во 20-те минути додека се вари зеленчукот.

На даска за сецкање на најситно шо може сецкаме зелени и црни маслинки. Нормално, без семка. Ова ќе биде нашио ексклузивен додаток. Звучи малце контра-интуитивно но киселкастиот и солен вкус од маслинките ќе почастат со одлична свежина, искомбинирани со врело кремираната тиква. Да му веруваш на дедо.

Во ред, блендирание грешним. 2 опции: рачен блендер и обичен блендер. И така и така бидува. Додека супата се блендира додаваме 200 мл. крем фреш. Ја блендираме текстурата до екстремна финоќа. Не сакаме грутки тиква. Сакаме да е мазно у суперлатив.

Сервирање: Во длабока чинија сипаме од крем супата, на површината декорираме со крем фреш, и по работ на чинијата додаваме лупени семки од сончоглед или тиква и од сецканите маслинки. И нема промашај.

Ладните ноќи само што не дошле. Стрвно тријат раце зад првиот свиок. Рецептот е печен за такво време. Уствари не е печен, туку е варен па блендиран.

Уживајте!

Кирил Стоименов - крем де ла крем супа

20 септември 2024 - 13:24