Грависимо

Гравчето е прва виолина во секоја трпезариска филхармонија и алфа-хушкач на нашата цревна флора. Кружат гласини дека има важен удел во глобалното затоплување, озонските проблеми, ефектот на стаклена бавча и сличните поводи за Грета Тунберг да хистерише.

Чудо е гравчето: се раѓа во тврда, го конзумираме во течна а излегува во гасовита агрегатна состојба. Убедливо најистакнат член од семејството бобови, барем на овие простори. А пази, има опасна конкуренција: Боб Дилан, Боб Марли, Боб Сагет. Еден куп ѕверски бобовци. Исто така знае да биде суперѕвезда по студентските мензи и љубимец по војничките кантини. И секоја баба, дедо, стрико, братучед, тетка го прават најдобро и на свој посебен начин.

Ние денес ќе го спремаме заедно со попајморнарскиот деликатес - спанаќот. Спанаќот е одличен извор на железо и сличен репро материјал. Мада, чисто сумњам дека тоа зеленото во лулето на Попај беше спанаќ. Туку, да не бидеме Дибеци, дај да засукаме ракав, да ја обелодениме тетовираната котва на нашите ѕверски подлактици и да ја спасиме Олива.

Стартуваме во неколку чекори.

#1: Закиснување

Ставаме 400 грама грав во тенџере и го преливаме со вода. Нека има вода до врв на тенџерето, не е на одмет. Вака го оставаме да гњури преку ноќ.

#2: Варење

Утредента ја истураме првата вода. Зрната треба веќе да се добро хидрирани така што ќе се сварат полесно. Гравот е жилав и инает, не се дава лесно. Го преливаме повторно со вода. Додаваме сол и бибер. Вариме 45 минути.

#3: Вода трета

Овој чекор е опционален. Можете да го варите во претходната вода околу час и половина, но јас практикувам тоа време да го поделам на ‚две води‘. Значи повторно го преливаме со вода. Овој пат во тенџерето додаваме 3 гранчиња рузмарин. На крајот на варењето, после 45 минути, ливчињата треба да бидат отстранети од своите гранки, а водата зеленикава. Рузмаринот прекрасно ќе го испарфемира гравчето. На крај зрната ги процедуваме и сме спремни за следниот чекор.

#4: Запржување

Кога сме веќе на пола час со чекор #3, на соседната рингла растопуваме 70-тина грама путер. Во путерот упржуваме виолетов кромид исецкан министерски - на ленти и половина килограм спанаќ. Кога спанаќот ќе искалира и омекне, го додаваме гравчето проследено со пола литро врела вода и коцка говедски бујон. Ги запознаваме компонентите на среден оган, 5-8 минути. На крај глетуваме со микс од лажица брашно и лажици црвен пипер. Трагите од путер во допир со брашното ќе ја згуснат атмосферата. Црвениот пипер ќе исфасадира со елегантно секси руменило.

#5: Може, а и не мора

Целото тавче можете да го потпечете едно 20-тина минути на 180. Со тоа добивате тавче-гравчеста глазура. Јас го скипнувам овој чекор затоа што преферирам поманџаста густина. На крај сервираме со неколку ливчиња свежо нане и неколку парчиња сардела. Миксот од минт-свежината и комплексноста на умамито ќе во почастат со една топла есенска прегратка.

Ок возрасни, уживајте под јорганите, итс дет тајм оф ди иар.

Кирил Стоименов - Пера Ждера

12 ноември 2022 - 21:53