Домашна варијанта на најпознатата улична храна од нашиот јужен, а богами и дужен сосед. Додуша и они рецептот го препишале од турскиот донер-кебап, ама не навлагам у историја, географија, квантна механика, гимнастика...
Денес сме овде за да го хакнеме рецептот, да го адаптираме за кујна во која нема профи вертикален гиро ражен и на крај, ќе го спремаме најмоќното цаѕики кое се вика таратор и сето тоа ќе ги полиеме со најдоброто узо у свет - струмичката мастика.
Ајмо солунски атентатори!!!
Едно кило пилешки стекови. Или пилечи штекови, шо би рекле соетникумците на покојни Амди Бајрам. Ако сте спретни и немате две леви раце а имате остар нож, исечете ги парчињата на шо е можно потенко. Ако не, покрите ги со најлонска фолија и ќутек. Откако месото е спремно се фокусираме на маринадата.
Кога сме кај маринадите, уште ли никој си ја нема крстено ќерката Маринада? Маринада Стоименова! Душа дало за име на прима балерина. Евентуално за резидент член у оние жиријата при лото извлекувањата, шо се грижат за регуларноста од Неолит па се до денес. Башка ако имате свекрви шо се викаат Мара и Нада можете да им го подновите името и на двете со еден куршум. Ништо не ви текнува, се ја да мислам.
Маринада: 400 грама павлака. Никако грчки јогурт!!! У неа еден куп зачини: црн пипер, па црвен пипер, па оригано, па коријандер сув, па лук у прав, па буковец, може и сув босилек, мајчина душичка итн... Со лажица го хомогенизираме (само шо измислив ултра непотребен глагол) сето ова, како би добиле розевкаста смеса. Во истата смеса го брцаме пилешкото, пробркуваме за сите парчиња да бидат измачкани од маринадата, го покриваме садот со најлон фолија и правец у фрижидерската Аљаска, нека ѕинѕика барем саат.
Овој едночасовен тајм-аут ќе го искористиме за спремање на тараторчето и за алкохолно загревање. Триста грама од истата павлака. 3-30 чешниња лук, пошто таратор без лук е како политичар без наместен тендер. Една мандинго краставица, шо ја сечеме напречно. Тоа напречен пресек ми е траума од секцирањата на часовите по биологија у основно. Со кафена лажичка (не као боја, туку лажица за кафе) ги отстрануваме семките или народски - ѝ го сотруваме семето.
Не за друго, семките чим пипнат сол пуштаат вода, а ја лично не сум фан на разводнет таратор. Сакам да е густо, како последната недела пред плата. Ја масакрираме краставицата на многу ситни делчиња и правец у павлаката. Сол, бибер, црвен пипер и копар. Обавезно. Промешуваме, одозгора истураме масло за 'Ѕе' и на сред аранжираме со една маслинка. Како у најдобрите денови на Жикина Династија.
Ако имате кариран чаршав и лимена пепељара уште подобро. Тараторчето спремно, сипаме студена мастика од градот на еден одличен фудбалер и еден ужасен политичар.
Да го спремаме нашиот ражен. Земаме стапче за ражничи, сечеме кромид на пола и на средината го бодиме стапчето така што рамниот дел е долу а полукружниот горе. Треба да е нешто налик на оние сталаци за знаменца по обединетите нации. Врз дрвеното стапче го редиме месото. Оваа пилешка елкичка ја сончаме во рерна ужежена на 200, како македонски грб на Пефкохори околу крајот на јули, едно саат ипол, тоест колку треба.
На крај сецкаме тенки мали парчиња на ситно.
Чао малакас & малакињас...
Кирил Стоименов - еGAYец
Кратка содржина:
- кило - килоипол стекови
- 700 грама павлака
- краставица едра, лукишта, куп зачини една маслинка, за дојам.