Доста често од ентузијастите што со конспирации пред коперации рушат корпорации можеме да ја слушнеме следнава излитена изјава: „Ма ја сум ти бечка школа!!!“ Изгледа прв предуслов за да бидете алумни од оваа школа е да имате сѐ на сѐ два четвртоци едукација.
Оваа школа, како и секоја друга, со себе си носи своја менза, а секоја менза свои специјалитети. Денес ќе се ОСВРНЕМЕ на австрискиот похован класик, бечката шницла. Србите велат дека бечката шницла уствари била виенската ’Караѓорѓева‘ од Али експрес. Ок, они исто тврдат дека како нација настанале одма после амебата.
Денешната главна глумица ќе биде придружена со армија олучени пиперки, горка салата и појачан мајонез. Ако вашите родители биле стечајни управници за време на транзиција и ве праќале на скијање во Австрија, сигурно шницлата ви била главниот противотров за зимските мамурлуци.
Да не должиме: Парче свинско месо. Бут или плешка. Го сецкаме на парчиња. Исецканите парчиња ги тенчиме со кујнски чук, под готварска хартија која ќе спречи извесна ’повреда‘ и дупчење на парчето. Прво зачинуваме со сол и бибер а потоа секое парче го набрашнуваме. Во длабок сад укајгануваме 2 јајца со малку млеко, а во друг истураме презла која ја мешаме со сусам и оригано. Јас лично обожавам кога потпечениот/запржениот сусам пуцка помеѓу останатите вкусови и на некој мистичен начин ги обединува и потенцира.
Набрашнетото месо го брцаме во јајцата, обострано и потоа го панираме во лебните трошки. Тава со масло (може и путер) на среден оган. Пржиме 4-5 минути по страна. Со лажица нанесуваме од маслото врз средината на парчето за да не ни остане ’живо‘. Оставаме да се подоладат.
Пиперките: во Австрија обично шницлите ги служат со мармалад. Ама мармаладот не иде баш најдобро со ракија, затоа сега ќе им го побалканчиме прилогот.
Пиперките можете да ги испечете директно на рингла, но јас како не-баш-најгорд сопственик на индукциона плотна им најдов друг тертип: рерната ја вклучувам на грил опција и садот од пиперките го позиционирам на најдолното ниво на решетката и така печам 5 минути по страна. Кога се поцрнети директно ги сместувам со најлон кеса за да омекнат.
На крај врз пиперките нанесуваме ситно сецкан лук, магданос, сол, бибер, буковец, масло и оцет. Нема на чему.
Салатата: овде може да салатирате со што ви срце сака. Јас одбрав цикорија и рукола, малку горки лиснати плодови кои ќе го избалансираат вкусот. Цикоријата горчи како пелин на стероиди, НО, кога дојде во контакт со лимон губи 90% од горчината и остануваат само пријатни горки ноти. Доколку направите дресинг со сенф, лимон и додадете и мед, возможно е и воопшто да не осетите горчина. Јас додадов малку марула и многу капери.
Мајонезот: ако можете да набавите лимета, истискајте лимета, ако не и лимон врши работа. Во 3 супени лажици мајонез додаваме сок од лимон/лимета, оригано, лук во прав (многу), буковец. Мешаме.
Додека дегустирате од шницлите, салатата и пиперките, во позадина Моцарт ја интерпретира ’Свадбата на Фигаро‘ со Јужни Ветар синтисајзерска боја. Знае како треба Волфганг, бечка школа e он.
Кирил Стоименов - Гаврило Принципиелен