САД ќе почнеле војна со Кина поради лоша проценка на ВИ

Реагирајќи на разузнавачка проценка на алатка со ВИ дека кинески брод носи нуклеарни компоненти за Иран, американските воен сили наредиле акција за преземање на бродот, но во последен момент ја откажале. Проверката покажала дека алатката направила погрешен заклучок. Инцидентот бил сериозен и интервенцијата можела да ескалира во војна со Кина.

На непрецизиран датум во првата половина од оваа година, кога американските сили беа максимално ангажирани во војната против Иран, од разузнавачката заедница пристигнал загрижувачки извештај дека „кинески брод на Блискиот Исток пренесува компоненти за програмата на Техеран за нуклеарно оружје“.

Веднаш била крената тревога. Командата наредила воена акција за пресретнување на бродот, качување на маринци и насилно преземање на контролата, тврдат извори на CNN. Биле активирани и борбени авиони заради воздушна поддршка на операцијата.

Непосредно пред спроведување на операцијата, офицери во штабот подетално го разгледале извештајот – потпишан од аналитичар од Командата за специјални операции – и откриле дека погрешно бил идентификуван товарот на бродот. Не се прецизирани типот на моделот со ВИ што го користел аналитичарот ниту видот на „проблематичниот товар“.

Извештајот беше целосно лажен. Но, речиси ќе предизвикаше војна. Секаква американска воена операција против кинески брод носи ризик од ескалација во вооружен конфликт меѓу двете земји, изјавил анонимен офицер за CNN.

Внатрешната анализа покажала дека ботот ја поврзал декларацијата за товарот на кинескиот брод со разузнавачки податоци од отворени извори и со строго доверливи податоци од Командата за специјални операции на САД за Пацификот со седиште на Хаваи. Вкрстувајќи ги податоците направил погрешен заклучок за товарот.

Аналитичарот потоа повторно употребил алатка со ВИ кога ги сумирал наодите во стандарден разузнавачки извештај што го доставил до воените сили.

Новата Стратегија за вештачка интелигенција на Пентагон од јануари годинава налага широка примена на оваа технологија во војската.

Целта е водечките модели на ВИ да бидат достапни за нашиот тримилионски цивилен и воен персонал, на сите нивоа на класификација, пишува во документот. 

Сепак, владини службеници забележуваат дека процесот е децентрализиран и дека различни делови од администрацијата користат различни алатки, врз основа на различни наредби и безбедносни стандарди. Не постои единствен сет на стандарди според кои САД ги потврдуваат информациите добиени преку алатките со ВИ. 

Министерството неодамна потврди дека користи специјални верзии на моделите Grok, ChatGPT и Gemini заради „зајакнување на синџирот на донесување одлуки и побрза обработка на разузнавачките податоци“.

Пентагон одби да го коментира извештајот на CNN за инцидентот со кинескиот брод.

Американските сили секојдневно следат, проценуваат и анализираат стотици потенцијални закани низ целиот свет за да ја обезбедат одбраната на нашата нација и на нашите сојузници. Поради оперативната безбедност и согласно утврдената политика, не коментираме конкретни разузнавачки извештаи, оперативни планирања или тековни воени проценки, изјави претставник на Пентагон.

19 September 2026 - 09:58