Итака и Кефалонија (пак) се спукаа од каде е Одисеј

Новиот филм на Нолан повторно разгоре битка  – археолошка и историска – која трае со децении околу прашањето каде всушност се наоѓала легендарната Итака, татковината на херојот на Хомер.

За многумина Итака е само симбол на враќањето дома, но за жителите на истоимениот грчки остров таа е дел од нивниот идентитет. Сепак, веќе дваесетина години се води научна и јавна дебата дали денешна Итака навистина е островот што Хомер го опишал во „Одисеја“, или пак вистинската татковина на Одисеј треба да се бара на соседна (околу 54км оддалечена) Кефалонија.

Британскиот автор Роберт Битлстоун во својата книга „Ослободениот Одисеј“ (Odysseus Unbound, 2005) ја промовираше теоријата дека полуостровот Палики на Кефалонија некогаш бил посебен остров и дека токму таму се наоѓала Итака опишана кај Хомер. Иако оваа идеја привлече големо внимание, бројни археолози и класичари ја оспоруваат.

На спротивната страна стојат археолошките ископувања на локалитетот Агиос Атанасиос на денешна Итака. Од 1994 година, професорите Лица и Танасис Пападопулос од Универзитетот во Јанина открија остатоци од доцното бронзено време кои, според нив, извонредно се совпаѓаат со описите на палатата на Одисеј во Хомеровиот еп. Ископани се монументални скали, мегарон – главната сала типична за микенските владетели – како и бунар со конструкција карактеристична за тој период.

Во прилог на Итака зборуваат и бројни археолошки наоди. Во музеите на островот се чуваат монети од 4-ти и 3 век пр.н.е. со ликот на Одисеј и натпис „на Итачаните“, како и предмети посветени на легендарниот крал. Неодамна, археолозите пронајдоа и кровни ќерамиди со испишано име на Одисеј, а грчкото Министерство за култура официјално го призна локалитетот како место каде во антиката се практикувал култот кон херојот.

И покрај ваквите откритија, локалитетот денес е во незавидна состојба. Ископувањата се прекинати, заштитните конструкции се уништени од невреме, а дел од археолошките остатоци остануваат изложени на временските услови и опасноста од оштетување. Истражувачите предупредуваат дека е потребна итна заштита и поголема финансиска поддршка за да се зачува ова значајно културно наследство.

Токму затоа многумина се надеваат дека филмот на Кристофер Нолан нема само повторно да ја разбуди љубопитноста кон Хомеровата „Одисеја“, туку ќе го сврти вниманието и кон вистинската Итака – островот кој, без разлика дали бил палатата на Одисеј или не, претставува едно од најзначајните места поврзани со античката традиција.

28 July 2026 - 14:44