Festum π: единствен фестивал каде се среќаваат математиката и музиката

Математиката и музиката отсекогаш биле поврзани преку ритамот, хармонијата и пропорциите. Токму оваа единствена врска е во фокусот на меѓународниот фестивал Festum π, кој секое лето на Крит, веќе пет години, ги обединува научниците, музичарите и љубителите на уметноста во богата програма од концерти, предавања и научни дискусии.

Од 26 јули до 2 август 2026 година, Ханија на островот Крит по петти пат е домаќин на Festum π, меѓународен фестивал и конференција што на единствен начин ги поврзува математиката, музиката, музикологијата и современите научни истражувања. Фестивалот се одржува под мотото „Кога математиката ја среќава музиката“ и претставува платформа за размена на знаење меѓу научници, музичари, истражувачи, студенти и љубители на уметноста и науката.

Во текот на осумте фестивалски дена, посетителите ќе можат да проследат богата програма која опфаќа меѓународна конференција по математика, конференција по музикологија, концерти, предавања, научни презентации, летна школа и настани посветени на примената на вештачката интелигенција во науката и уметноста. Целта на Festum π е да покаже дека математиката и музиката, иако на прв поглед различни дисциплини, имаат длабоки историски и теоретски врски што можат да инспирираат нови форми на креативност и истражување. 

Фестивалската програма започнува со два предфестивалски концерти во Музејот на типографијата во Суда. На 24 јули ќе настапи познатиот грчки музичар Никос Ксантулис со концерт на античка лира, а на 25 јули следува концерт на францускиот пејач Лоран Прокопик, кој ќе изведе програма со француски шансони.

Во рамките на главната програма, која се одвива од 26 јули до 2 август, ќе се реализираат бројни научни предавања и дискусии со меѓународно признати професори и истражувачи, концерти на класична и современа музика, музиколошки панели и работилници. Посебен акцент е ставен на истражувањето на односот меѓу математичките структури, музичката композиција и новите технологии, како и на улогата на вештачката интелигенција во современото научно и уметничко творештво. 

Со својата интердисциплинарна концепција, Festum π претставува редок пример на фестивал што успешно ги обединува науката и културата, создавајќи простор за дијалог меѓу различни области на знаење. Организаторите очекуваат учество на научници, музичари, студенти и посетители од повеќе земји, што дополнително го потврдува меѓународниот карактер на оваа манифестација. 

Официјален сајт на фестивалот тука

28 јули 2026 - 10:25