- На прагот на прославата на 250-годишнината од формирањето на нацијата, се повеќе Американци не веруваат дека САД се најдобрата земја во светот и имаат песимистички ставови за иднината.
- Според анкета на Асошитетед прес и NORC, 30% од Американците сега веруваат дека низ светот има земји во кои подобро се живее отколку во САД. Ова е нагло зголемување од 26% во 2024 година и само 11% во 2017 година.
- Од друга страна, 25% од испитаниците рекле дека САД се подобри од сите други земји во светот, а за 44% САД се меѓу најдобрите земји заедно со другите.
- Едвај една третина се убедени дека денес во нивната земја функционира Американскиот сон: „Ако работиш напорно – ќе напредуваш“. 15% велат дека тој никогаш не постоел.
- За најголеми проблеми со кои се соочуваат, Американците ги истакнале зголемените трошоци за домување, економската нестабилност и намалената доверба во институциите.
- Словенците со сопствени обновливи извори на струја од јули ќе може да го споделуваат вишокот генерирана енергија за да им ги намалат месечните сметки на роднини и пријатели низ целата земја.
- Преку системот „Мој електро“ ќе може да договараат споделувања на вишок генерирана струја со еден или повеќе потрошувачи и да го определат количеството.
- Потрошувачите не мора да живеат во истиот град, па дури ни во регионот. На пример, родителите во дом со соларни панели во Марибор ќе можат да им го префрлаат вишокот струја на своите деца што студираат во Љубљана и да им ги намалат сметките.
- Струјата физички нема да патува низ мрежата, туку ќе се бележи административно и ќе се одразува исклучиво на сметката на примателот, во интервали на фактурирање на секои 15 минути.
- Освен ефектот на солидарност, цел на мерката е да ја балансира енергетската мрежа во периоди на големо производство на сончева енергија.
- Владата на Канада достави до парламентот предлог-закон за забрана на пристап до социјални мрежи за деца и тинејџери помлади од 16 години. Ќе се воспостави проверка на возраста.
- Исклучок ќе бидат платформите што ќе докажат дека воспоставиле ефикасни заштитни мерки за пристап до штетни содржини - поттикнување насилство, омраза, самоповредување и споделување интимни слики без согласност.
- Се создава и Комисија за дигитална безбедност, која ќе треба да дефинира критериуми и ограничувања за пристап до четботови со вештачка интелигенција.
- Австралија лани беше првата земја што забрани социјални мрежи за лица под 16 години. Слични закони се во процедура во Франција, Данска, Полска и Грција.
- Според проценките на канадската влада, може да помине цела година додека законот не биде усвоен од Парламентот во Отава, а потоа уште година и пол за воспоставување на новото регулаторно тело.