- Федерален судија во САД ја објави белешката за која се тврди дека како проштална порака своерачно ја напишал Џефри Епстин неколку недели пред да биде пронајден мртов во затворската ќелија во Њујорк пред седум години.
- „Ме испитуваа со месеци – не најдоа ништо! Уживање е да можеш да избереш време за збогување... Не е забавно, не вреди!“, е запишано ракописно во белешката, чија автентичност ниту е потврдена ниту е негирана.
- Белешката ја објавил судијата Кенет Карас по барање од весникот Њујорк тајмс, кој објави дека постои таков документ во судската архива во случајот на Николас Тартаљоне, цимерот на Епстин од ќелијата. Поранешниот полицаец Тартаљоне е осуден на четири последователни доживотни затворски казни поради четирикратно убиство во 2016 година.
- Тој ја открил пораката во јули 2019 година, по наводниот обид за самоубиство на Епстин, кога беше пронајден со траги на вратот. Неколку недели подоцна Епстин беше пронајден мртов во ќелијата. Како официјална причина за смртта е наведено самоубиство.
- Тартаљоне им ја предал белешката на своите адвокати, за да му послужи како одбрана од евентуални обвинувања дека го убил цимерот.
- Белата куќа верува дека во следните 48 часа може со Иран да склучи „Меморандум за разбирање“ – документ од само една страница со кој војната би била прогласена за завршена и би била поставена рамка за понатамошни подетални преговори за нуклеарната програма на Техеран. Преговорите би се одржале во Исламабад или во Женева.
- Меморандумот има 14 точки. Двете страни би се обврзале да ја укинат блокадата на транзитот низ Ормускиот теснец во период од 30 дена.
- Иран би прогласил мораториум на збогатување ураниум во период што не е усогласен. Техеран предложил 5 години, а САД барале 20. Се очекува да се усогласат на 12 до 15 години. Од Иран се бара да прифати и засилен режим на инспекции на нуклеарните објекти, вклучително и ненајавени, од технички експерти на Обединетите нации.
- САД, како дел од Меморандумот за разбирање, ќе се обврзат на постепено укинување на санкциите наметнати врз Иран и постепено ослободување на милијарди долари ирански средства кои се замрзнати низ целиот свет.
- И претходно имаше оптимистички изјави дека САД и Иран се близу до договор, но напорите пропаднаа поради огромни разлики во ставовите. Анонимни пакистански посредници тврдат за Аксиос дека овој пат двете страни се најблизу до договор откако почна војната.
- Веднаш по објавувањето на веста на Аксиос, цената на нафтата се спушти за 8% на околу 100 долари за барел.
- Бенјамин Нетанјаху го убедувал и Барак Обама да му објави војна на Иран, со истите аргументи со кои десетина години подоцна успеа да го убеди Доналд Трамп. Обама го одбил и се решил за дипломатски наместо за воен пристап.
- „Мислам дека мојата прогноза беше точна. Можеби Нетанјаху го доби она што го сакаше. Прашање е дали тоа на крајот е најдоброто за израелскиот народ. Прашање е дали тоа е најдобро за САД. Мислам дека има многу записи за моите разлики со Нетанјаху“, изјави Обама во интервју за Њујоркер.
- Обама почна преговори со Техеран кои доведоа до нуклеарниот договор од 2015 година, со кои се поставија ограничувања на нуклеарните активности на Иран во замена за олеснување на санкциите.
- Нетанјаху тогаш остро се спротивстави на договорот, предупредувајќи дека тој нема да го спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје туку ќе зајакне економски и воено. Трамп во својот прв мандат ги повлече САД од нуклеарниот договор во 2018 година и повторно воведе санкции за Иран.
- САД лани да му се придружија на Израел во ограничени напади врз ирански постројки, а Трамп во февруари го прифати повикот од Нетанјаху за да му објави војна на Иран, иако против тоа беа повеќето од неговите најблиски советници во Белата куќа. Војната почна на 28 февруари.