Белата куќа верува дека во следните 48 часа може со Иран да склучи „Меморандум за разбирање“ – документ од само една страница со кој војната би била прогласена за завршена и би била поставена рамка за понатамошни подетални преговори за нуклеарната програма на Техеран. Преговорите би се одржале во Исламабад или во Женева.
Меморандумот има 14 точки. Двете страни би се обврзале да ја укинат блокадата на транзитот низ Ормускиот теснец во период од 30 дена.
Иран би прогласил мораториум на збогатување ураниум во период што не е усогласен. Техеран предложил 5 години, а САД барале 20. Се очекува да се усогласат на 12 до 15 години. Од Иран се бара да прифати и засилен режим на инспекции на нуклеарните објекти, вклучително и ненајавени, од технички експерти на Обединетите нации.
САД, како дел од Меморандумот за разбирање, ќе се обврзат на постепено укинување на санкциите наметнати врз Иран и постепено ослободување на милијарди долари ирански средства кои се замрзнати низ целиот свет.
И претходно имаше оптимистички изјави дека САД и Иран се близу до договор, но напорите пропаднаа поради огромни разлики во ставовите. Анонимни пакистански посредници тврдат за Аксиос дека овој пат двете страни се најблизу до договор откако почна војната.
Веднаш по објавувањето на веста на Аксиос, цената на нафтата се спушти за 8% на околу 100 долари за барел.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.