Научници од Јапонија побарале од доброволци да препознаат емоции само од кратки видеа на луѓе кои одат. Се покажало дека поголемото замавнување на рацете и нозете најчесто се поврзува со лутина и агресија, додека помалите, повоздржани движења оставаат впечаток на тага или страв.
Истражувачката Мина Вакабајаши од Институтот за напредни телекомуникациски истражувања во Кјото објаснува дека одењето е едно од најприродните и најчесто повторувани движења кај човекот, па затоа емоциите лесно се одразуваат токму таму. Според неа, кога некој е лут, неговото тело станува поенергично и движењата се понагласени, додека кај тага и страв телото се затвора и станува посмирено.
За експериментот, ангажираните актери требало да се присетат на лични ситуации што кај нив предизвикале лутина, радост, страв или тага, а потоа да прошетаат кратко растојание додека размислуваат за тие моменти. Тие носеле тесна облека и специјални рефлектирачки маркери, за научниците да создадат видеа што го прикажуваат само движењето на телото, без изрази на лицето и други визуелни знаци (види тука).
Потоа, други луѓе ги гледале видеата и требало да погодат која емоција е прикажана. Резултатите покажале дека тие успешно ги препознавале чувствата многу подобро отколку што би било случајно.
Во втор дел од истражувањето, научниците дополнително ги менувале снимките – го зголемувале или намалувале замавот на рацете и нозете кај неутрално одење. Повторно, поголемите движења биле доживувани како агресивни, а помалите како тажни или исплашени.
Ова откритие може да има и практична примена. Ако технологијата може сигурно да препознава емоции преку движење, тоа би можело да помогне при анализа на безбедносни камери, препознавање на ранливи или опасни ситуации, па дури и во создавање паметни уреди што би ја следеле менталната состојба на човекот. Истражувачи од Тексас веќе тестирале алгоритам со вештачка интелигенција што се обидува да препознае емоции како лутина, радост, страв и тага само од начинот на одење. Иако точноста сè уште не е совршена, јасно е дека чекорот е потешко да се „одглуми“ отколку насмевката или гласот.