Чекорот не лаже: начинот на кој одиме открива како сме

Не мора некој да е немтур за да сфатиме дека не е расположен. Понекогаш доволно е само да го видиме како оди. Начинот на кој ги движиме рацете и нозете додека чекориме може многу да каже за нашата емоционална состојба – дали сме лути, тажни, исплашени или расположени. Ново истражување покажува дека токму одењето е еден од најискрените „јазици“ на телото.

Научници од Јапонија побарале од доброволци да препознаат емоции само од кратки видеа на луѓе кои одат. Се покажало дека поголемото замавнување на рацете и нозете најчесто се поврзува со лутина и агресија, додека помалите, повоздржани движења оставаат впечаток на тага или страв.

Истражувачката Мина Вакабајаши од Институтот за напредни телекомуникациски истражувања во Кјото објаснува дека одењето е едно од најприродните и најчесто повторувани движења кај човекот, па затоа емоциите лесно се одразуваат токму таму. Според неа, кога некој е лут, неговото тело станува поенергично и движењата се понагласени, додека кај тага и страв телото се затвора и станува посмирено.

За експериментот, ангажираните актери требало да се присетат на лични ситуации што кај нив предизвикале лутина, радост, страв или тага, а потоа да прошетаат кратко растојание додека размислуваат за тие моменти. Тие носеле тесна облека и специјални рефлектирачки маркери, за научниците да создадат видеа што го прикажуваат само движењето на телото, без изрази на лицето и други визуелни знаци (види тука).

Потоа, други луѓе ги гледале видеата и требало да погодат која емоција е прикажана. Резултатите покажале дека тие успешно ги препознавале чувствата многу подобро отколку што би било случајно.

Во втор дел од истражувањето, научниците дополнително ги менувале снимките – го зголемувале или намалувале замавот на рацете и нозете кај неутрално одење. Повторно, поголемите движења биле доживувани како агресивни, а помалите како тажни или исплашени.

Ова откритие може да има и практична примена. Ако технологијата може сигурно да препознава емоции преку движење, тоа би можело да помогне при анализа на безбедносни камери, препознавање на ранливи или опасни ситуации, па дури и во создавање паметни уреди што би ја следеле менталната состојба на човекот. Истражувачи од Тексас веќе тестирале алгоритам со вештачка интелигенција што се обидува да препознае емоции како лутина, радост, страв и тага само од начинот на одење. Иако точноста сè уште не е совршена, јасно е дека чекорот е потешко да се „одглуми“ отколку насмевката или гласот.

28 април 2026 - 09:05