- Под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, Европската комисија воведе мерки и за кинески субјекти во својот 19-ти по ред пакет санкции насочени против Русија.
- „Ги таргетираме рафинериите, трговците со нафта, петрохемиските компании и трети земји, вклучувајќи ја и Кина“, објави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен. „Додаваме повеќе хемикалии, метални компоненти, соли и руди во забраните за извоз и построги контроли на извозот врз субјекти од Русија, Кина и Индија“, додаде шефицата на дипломатијата Каја Калас.
- Пакетот вклучува ограничување на цената на нафтата од 47,60 долари за барел и забрзување на забраната за увоз на руски течен природен гас до крајот на 2026 година, наместо до крајот на 2027, како што беше договорено пред да интервенира Трамп.
- Функционери во Брисел признаваат дека санкциите против Москва би можеле да бидат ефикасни само ако се приклучат САД. Трамп најави дека ќе воведе „големи“ санкции само ако и другите членки на НАТО целосно се откажат од руска нафта. Турција, Унгарија и Словачка одбиваат да најдат алтернативни извори.
- Претседателот Доналд Трамп ги повика американските регулатори да им ги одземат лиценците на радиодифузерите ако објават негативни вести или коментари за него.
- „Некаде прочитав дека мрежите беа 97% против мене, јас добивам 97% негативни мислења, а сепак победив и тоа лесно. Ми даваат лош публицитет, а добиваат лиценца. Мислам дека можеби треба да им се одземе лиценцата“, им рече Трамп на новинарите што го придружуваа во Ер Форс 1 по посетата на Британија.
- Телевизијата ABC под притисок од регулаторното тело завчера го суспендираше шоуто на Џими Кимел, поради критики на реакциите на Трамп и на движењето МАГА во врска со убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк.
- Белата куќа во изминатата недела нареди преразгледување на даночниот статус на либералните групи, го засили следењето на говорот на интернет и почна да одбива визи поради коментари. Администрацијата тврди дека ваквите мерки се неопходни „за сузбивање на говорот на омраза што може да поттикне насилство“.