Од 12 октомври во ЕУ со отпечаток од прст и фотографија
11 September 2025
- Граѓаните од Македонија и од други земји што имаат безвизен режим со ЕУ, од 12 октомври ќе треба да оставаат отпечатоци од прст и фотографија при влез во членки на Шенген зоната. Биометриските податоци ќе ги оставаат само при првиот влез, а при секој нареден само ќе им се потврдуваат податоците. Мерката нема да важи за деца до 12 години.
- Регистрирањето ќе се спроведува во фази. Во првите 30 дена треба да бидат опфатени 10% од сите патници што влегуваат во Шенген, за 90 дена 35%, за 150 дена една половина, а по 170 дена се предвидува да бидат опфатени сите патници.
- На копнените граници на Македонија со Грција и Бугарија на почетокот нема да се регистрираат сите патници, за да не се прави метеж. Патниците ќе мора да излегуваат од автомобилите, а за автобусите се размислува граничен службеник да влегува со мобилен апарат за земање отпечатоци.
- „Сакаме да знаеме кој влегува и кој е во Шенген зоната, да се идентификуваат луѓето што влегуваат за да се намалат измамите со идентитет, но и да се намалат злоупотребите со пречекорување на 90-дневната дозвола за престој“, објави Делегацијата на ЕУ во Македонија.
-
Овој систем ќе функционира одвоено и паралелно со ЕТИАС, кој од крајот на 2026 година налага онлајн регистрирање за да се овласти патување во Европа во рок од три години. Цената на ваквата „дозвола“ за влез во ЕУ би чинела 20 евра, а ќе биде бесплатна за лицата под 18 години и над 70 години.