Прва „Зборотворба на годината“ - музика, зборови и награди
11 September 2025
- Здружението Зборци ја организира првата „Зборотворба на годината“, настан посветен на македонскиот јазик, креативноста и уметноста кој ќе се одржи на 13 септември (сабота) со почеток во 19:00 часот, во дворот пред студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
- Манифестацијата се одржува токму во годината кога Македонија ја прославува 80-годишнината од официјалната кодификација на македонскиот јазик. Така, „Зборотворба на годината“ претставува и симболичен роденденски подарок од Зборци за македонскиот јазик.
- На настанот ќе бидат доделени три награди – за прво, второ и трето место во изборот за „Збор на годината“. На конкурсот беа пријавени повеќе од 400 зборови, а жири-комисија составена од професори, лектори, текстописци и поети ги одбра трите најкреативни. За крај, публиката на самата манифестација ќе го изгласа својот фаворит за „Збор на публиката“.
- Настанот ќе започне во 19:00 часот со дискусија на тема „Македонскиот јазик – минато, сегашност и иднина“, на која панелисти ќе бидат Ѓорѓи Јолевски од Македонскиот народен театар, Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература и Александра Гецовска од Институтот за македонски јазик.
- По доделувањето на наградите, забавата ќе продолжи со настапите на МОЈРА, С.А.М, КЕМ и ДОУП КУЌАТА, млади и прогресивни македонски бендови кои ќе ја заокружат вечерта посветена на славење на нашиот јазик.