Eкспериментот на Розенхан: измамата што ја променила психијатријата

Во 1973 во престижното списание „Сајнс“ се појавила статија која предизвикала бура. Нејзиниот автор, професор по психологија од Стенфорд, тврдел дека извршил експеримент кој покажал дека психијатрите не се способни да дијагностицираат ментални болести и во психијатриски институции затвораат и луѓе кои не треба да бидат таму. Сепак, и неговата работа не била без маани.

Во јануари 1973 година професорот по право и психологија од Стенфорд, Дејвид Розенхан, објавил труд кој предизвикал медиумска сензација и длабок потрес во психијатриската професија. „Ако постојат здрав разум и лудило“, прашува тој на почетокот, „тогаш како да ги препознаеме?“

Студијата била базирана на експеримент во кој учествувале осум „псевдопациенти“ – Розенхан и уште седум доброволци. Тие се пријавиле во различни психијатриски институции во САД, тврдејќи дека слушаат гласови кои кажуваат три зборови: „туп, празно, шупливо“. Давале вистински биографски податоци, со мали измени од приватни причини. Сите биле примени во болница и дијагностицирани со сериозни психички нарушувања. Веднаш се поставило прашањето: ако еднаш си етикетиран како „луд“, како можеш да докажеш дека си здрав?

Псевдопациентите поминале од 7 до 52 дена во институциите. Никој од персоналот не сфатил дека се лажни, иако некои вистински болни се сомневале и дури им велеле: „Ти си новинар“. Сите на крај биле пуштени со дијагноза „во ремисија“. Заклучокот на Розенхан бил дека психијатриските дијагнози се често бескорисни и дека практично не може да се направи јасна разлика помеѓу здрав разум и лудило.

Ефектот на текстот бил огромен. Објавен во време на зголемен скептицизам кон психијатријата, тој ја поттикнал анти-психијатриската струја и ја оправдал тенденцијата кон деинституционализација – затворање на големите психијатриски болници и отворање центри во заедницата (да се потсетиме, во 1975 излезе и филмот на Форман кој зборува на истата тема, „Лет над кукавичјето гнездо“). Дури и четири децении подоцна, студијата се предава на повеќето воведни курсеви по психологија.

Сепак, подоцнежни истражувања покажале дека не сè било онака како што изгледало. Шестгодишна истрага открила несогласувања и укажала дека можеби постоеле повеќе слоеви измама. Розенхан, кој првпат се пријавил под лажно име Дејвид Лури во болницата Хаверфорд во Пенсилванија, не се придржувал до сопствениот протокол – покрај симптомот со гласовите, лекарите забележале дека носи бакар на ушите за да се заштити од радио-сигнали и дека верува оти луѓето можат да му ги читаат мислите. Тој дури изјавил дека мислел на самоубиство, што било доволна причина за легитимна хоспитализација.

Истрагата открила и други проблеми. Еден од учесниците, студентот Бил Андервуд, се сеќавал дека бил сосема неподготвен, не добил инструкции и речиси не собрал податоци, а сепак во трудот се појавиле прецизни статистики. Друг, Хари Ландо, имал позитивно искуство во болницата и дури напишал посебен извештај, но Розенхан го исклучил од студијата и го спомнал само во фуснота. Иако во првата верзија на трудот фигурирале девет пациенти, подоцна бројките останале исти иако еден учесник бил „избришан“. Истражувачите кои се обиделе да ги пронајдат останатите учесници не нашле докази дека навистина постоеле.

И покрај критиките и сомнежите, студијата имала трајни последици. Во рок од една деценија, бројот на пациенти во државните психијатриски болници во САД се преполовил. Во Велика Британија, бројот на кревети за болничко лекување паднал од речиси 70.000 во 1980-тите на помалку од 20.000 денес. Многу луѓе со сериозни психички нарушувања останале без соодветна грижа, а денес значаен дел од нив живеат на улица или во затвор.

Иако Розенхан укажал на реални проблеми – стигмата, ограничувањата на институциите, несигурноста на дијагнозите – со претерување и селективно изоставување на податоци создал сензационализирана слика. Таа ја поттикна јавната недоверба кон психијатријата и, наместо да доведе до подобри решенија, придонесе за состојба во која многумина со ментални нарушувања и денес се маргинализирани и недоволно третирани.

10 септември 2025 - 09:24