Смилево беше европска лабораторија за алтернативна фотографија за време на „Зрно“
11 August 2025
- Околу педесет фотографи, студенти по визуелни уметности и млади автор(к)и од цела Европа, заедно со волонтери од Македонија, Србија и Словенија, учествуваа на седмото издание на фестивалот „Зрно“ – платформа посветена на алтернативни и благородни историски фотографски процеси. Собирот се одржа во манастирот „Св. Петар и Павле“ во Смилево од 17 до 23 јули.
- Наместо класична школа, уметничка колонија или резиденција, „Зрно“ понуди простор за игра, експерименти и длабинско истражување на заборавените благородни фотографски техники. Се изработуваа цијанотипии, колодиумски плочи, гумени печати, лумен принтови итн., со целосна слобода во истражувањето и многу уживање – често со користење локални материјали, природна светлина и импровизирана опрема.
- Избор на негативи од опусот на браќата Манаки, љубезно отстапени и скенирани од Архивот на Македонија – одделение Битола, беа користени и интерпретирани во некои историски техники, и им беше даден нов живот и современа интерпретација, како начин да се оддаде почит кон нивното дело како дел од соработката на „Зрно“ со Архивот на Македонија.