Градот од кој доаѓаат најдобрите кујнски ножеви

Во јапонскиот град Сакаи, на брегот на заливот Осака, се создаваат едни од најценетите кујнски ножеви во светот. Деведесет проценти од професионалните јапонски готвачи користат токму вакви ножеви, а благодарение на популарноста на кулинарските серии и на ТикТок, интересот кај странските туристи нагло расте.

Еден од најпознатите мајстори за ценетите ножеви кои доаѓаат од градот Сакаи во Јапонија е 85-годишниот Ецуро Икегами, кој уште од своја 15-годишна возраст секој ден остри ножеви на камен за брусење. Занаетот во овој град постои повеќе од 600 години – од ковачи на алатки кои датираат од 5-тиот век, преку изработка на самурајски мечеви, до кујнски ножеви кои денес важат за симбол на врвен квалитет.

Сакаи има околу 75 компании поврзани со ножеви, а производството е поделено во четири фази: ковачи ја обликуваат челичната основа, мајстори ја острат, занаетчии изработуваат дрвени или рачки направени од рог, а на крај компанија го финализира производот и го брендира.

Интересот за овие рачно изработени ножеви денес е толку голем што во 2022 беше отворена поставката „Кат“, каде се изложени над 200 типови ножеви – од самурајски катани до специјализирани кујнски ножеви како „фугухики“ за отровната риба фугу или „менкири“ за нудли. Oваа збирка е всушност дел од Музејот на традиционални занаети во Сакаи. Ножевите од овој град, чие производство следи вековни стандардизирани техники, се прогласени за културно наследство на Јапонија во 1982. 

Она што ги прави ножевите од Сакаи уникатни е посветеноста на деталите и техничката прецизност. За разлика од индустриските производи, секој нож се создава со рачна изработка, а мајсторите го усовршуваат истиот чекор со децении. Потребни се години за да се совлада уметноста на правилно брусење или обликување на острицата, а секој дел од процесот е доверен на специјалист кој работи само таа фаза.

Освен економска вредност, ножевите од Сакаи имаат и културно значење. Тие се дел од јапонската естетика „моноцукури“ – уметност на создавање со душа и почит кон материјалот. Туристите кои доаѓаат во Сакаи не купуваат само корисна алатка, туку и симбол на традиција, историја и дисциплина што ја дефинира јапонската култура на занаетчиство.

Освен Јапонците, и многу странски готвачи доаѓаат во Сакаи по своја алатка. Tикток видеа од туристи и професионалци ја зголемуваат побарувачката, а цените и извозот на јапонските ножеви растат од година во година.

Иако постои загриженост дека индустријализацијата и финансискиот притисок ќе го загрозат занаетот, младите ковачи и ентузијасти продолжуваат да учат и да го чуваат наследството. За многумина, нож од Сакаи не е само кујнски прибор, туку дел од јапонската култура и уметност.

31 август 2025 - 21:14