Законот за работни односи во Франција им забранува на вработените да си го конзумираат ручекот на работното место. На јадењето сам исто така се гледа со доза на критика, бидејќи станува збор за култура која цени промена на место и темпо во текот на паузата за ручек.
Но таа во Франција не секогаш подразбирала бистроа, лежерни оброци и 90 минути пријателски муабети. Голем број работници најпрвин ја отфрлале идејата воопшто да го напуштат работното место. Сепак, една здравствена криза го променила ова.
Работното место на крајот на 19 век било полно со здравствени ризици. Како што градовите растеле и поголем број работници морале да патуваат до фабрики на другата страна од градот, нивните прехранбени навики се промениле. Средишниот оброк, традиционално правен и јаден дома, влегол во нова фаза на изнесување од домот во торбички и кутии. Како додаток на домашно приготвената храна повремено можел да биде купен помфрит од локалните пазари. Но она што за денешни поими е несфатливо е што работниците јаделе на подовите на фабриката.
А на него имало сè и сешто. Од бактерии на туберкулоза преносливи преку воздух, преку фосфорни испарувања во фабриките за ќибрити, до „пообични“ валканици. Како што почнале да се шират болести, така докторите почнале да размислуваат за начин како да се прочисти воздухот на овие валкани работни места.
Најпрвин, луѓето требало да се изнесат надвор, за местото да се проветри, да се „пушти вода низ просторијата како што се пушта низ тоалет“. Кога е најдобро време за тоа? Па кога луѓето јадат.
Одговорот на властите на ова бил - забрана на ручек на работното место. Отстранување на работниците и отворање на прозорците. Ова била идејата зад декрет од 1894, кој додуша отворил врата (и прозорци) за други проблеми: толпи од луѓе по улиците за време на паузите, ѓубре по парковите, малтретирање на жени, главно шивачки, кои по секоја цена барале да си јадат на работното место и да не мораат да излегуваат во таа хаотична атмосфера.
И покрај овие реакции законот си останал, и важи и денес. Во текот на пандемијата, во февруари 2021, поради здравствени причини беше паузиран. Но оваа година нештата се вратија на старо, третирајќи го ручекот, односно одморот среде работниот ден, како јавно добро.