Notorious RBG

Зошто Рут Бадер Гинзбург е легенда?

25 години помеѓу судиите на Врховниот суд на САД. Втора жена која е избрана на ваква функција во историјата на американското судство. Рут Бадер Гинзбург е една од иконите на американската борба за човекови (посебно женски) права. Почина на 18 септември на 87 години.

Популарната култура ја обожуваше Рут - имаше препознатлива појава на ситна женичка со строг поглед, која на рочиштата често знаела долго да молчи пред да одговори на прашање, за да ја срочи најпрецизната можна формулација. Иако на судиите не им е дозволено да искажуваат политички ставови, оние кои ја следат нејзината кариера забележуваат дека често „коментирала“ преку изборот на нејзините судиски „крагни“, дел од официјалната одора што е дозволено да се менува. Eдна од нив го има добиено името „крагна на несогласувањето“, а ја носела и денот по изборот на Трамп, иакo тогаш судот не донел ниту една одлука.

Во 2018 е направен биографскиот филм посветен на Гинзбург, „Врз основа на полот“, со Фелисити Џонс во главната улога. Низ него може да се следи животот и кариерата на жената која успева да ги надмине предрасудите во однос на професионалната подготвеност на една жена да биде правник кон крајот на 1950-тите и 1960-тите. На Харвард, кадешто студирала, имало само 9 жени во класа од 500 мажи. Деканот на факултетот на почетокот на студирањето ги поканил сите студентки на вечера кај него дома и ги прашал - Зошто сте на Харвардскиот правен факултет, и заземате место на маж? Во истата сцена во филмот тој е дополнително шокиран кога Рут го поправа, дека не е „госпоѓица“ туку „госпоѓа“, односно дека е мажена и има дете, а паралелно со тоа и студира.

Сорпугот, Мартин, ѝ бил огромна професионална поддршка во областа на даночното право, за кое бил експерт. Истовремено бил и главен семеен готвач, а се грижел за Рут во текот на две лекувања од рак на различни органи. Самиот починал од истата болест, во 2010.

Рут Бадер Гинзбург (или како што ја нарекуваат The Notorious RBG) има голем број заслуги за американското судство, во кое од 1993 до смртта беше во Врховниот суд. Сепак два случаја се издвојуваат како историски. Првиот е Moritz v. Commissioner од 1972, случај од апелациониот суд во кој оштетениот Мориц барал даночно олеснување како негувател на својата мајка-инвалид од Управата за јавни приходи. Таа пак му го одрекла ова право, бидејќи законот во тој момент го овозможувал ова само за жени или претходно оженети мажи (а Мориц не бил вдовец, ниту разведен). Гинзбург успеала да ја промени одлуката во негова корист, покажувајќи дека даночните закони се во конфликт со членот за еднаква заштита на Уставот на САД.

Иако навидум мал (станувало збор за вкупна сума од 600 долари), ова бил прв случај поврзан со дискриминација врз основа на пол која го водела (и го добила) Гинзбург. Токму на него се однесува и поголемиот дел на спомнатиот филм „Врз основа на пол“, чиј сценарист е Даниел Стиплман, внук на Гинзбург. Но во успехот да му обезбеди на 63-годишниот ерген поврат на данок таа го нашла својот „темелен аргумент“ против дискриминацијата базирана на пол, која до тогаш била маргинализирана - главен фокус на судството кога станувало збор за дискриминација била расата. А терминот „пол“ (sex) во американскиот устав се спомнувал само еднаш.

Но зошто некој кој бил заинтересиран за подобрувањето на положбата на жените толку сериозно би се занимавал со случаи кои во основа вклучуваат дискриминација на - мажи?

Гинзбург била доволно мудра да пушти „тројански коњ“ во американското судство - обраќајќи им се на судии-мажи кои требало да решаваат по случаи на дискриминирани мажи, таа сакала да дојде до правдата по заобиколен, но сигурен пат. Имено, доколку се пресуди дека мажот во одреден случај е дискриминиран само затоа што е маж, тоа подразбира дискриминација врз основа на пол, а во преседанското американско право тоа значи понатамошно добивање на слични случаи, само поради нивната сродност (без оглед дали станува збор за мажи или за жени). Освен тоа, речиси сите случаи на кои работела а се однесувале на мажи всушност во себе содржале затскриена дискриминација на жени. Таков бил случајот со Мориц кој претпоставувал дека само жена може да биде „негувателка“ и местото да и биде дома.

Првата пресуда пак на Врховиот суд на САД врз основа на пол е од 1976, Craig v. Boren. Во биографскиот филм овој случај не е спомнат, но затоа пак е тема на најнова епизода на подкастот Радиолаб. Во тоа време Оклахома имала закон кој забранувал продажба на пиво на мажи под 21 година, но им овозможувал на девојки над 18 да го купуваат. Тужители се извесен Куртис Крег, студент кој во името на „жедните“ другари од неговото „братство“ ја презема иницијативата, и сопственичка на бутка која меѓу другото продава пиво, а околу која се собира друштвото на Куртис (таа долго време не ни знаела дека е тужителка). И повторно, со втор тројански коњ, Гинзбург успева да докаже дека дискриминацијата е направена во однос на пол.

На крајот од филмот со ваков наслов младата судијка ги искачува скалите на Врховниот суд за потоа камерата да се спушти и да ја прикаже вистинската РБГ, тогаш на 85 годишна возраст. Уште погребот неодржан, а веќе се кршат копјата околу наследникот. Нејзината последна желба беше тој или таа да бидат именувани ОТКАКО ќе има нов претседател во Белата куќа, значи по следните избори. Таа си знаела зошто.

21 септември 2020 - 11:33