Тонот на кој денес се штимаат оркестрите е „ла“ (А), или 440 вибрации во секунда. Вообичаено прв инструмент кој ќе го исвири овој тон пред сите останати е обоата, но дури и да станува збор за пијано таа прва ќе го повтори за да може да го слушне целиот оркестар. Потоа истото за жичаните инструменти го прави првата виолина.
Причината зошто токму обоата е прва е што нејзиниот продорен звук „отскокнува“ над останатите во оркестарот. Нејзиното штимање е потешко, но затоа и долгорочно многу постабилно отколку кој и да е жичан инструмент, а ова особено важело во време кога жиците на виолините биле правени од црева на животни, а не од метал.
Ова има врска и со континуитетот на присуството на обоата во оркестрите - низ времето француските хорни, флејтите или кларинетите влегувале и излегувале од оркестрите, но обоите речиси секогаш се вклучени во оркестарските дела. Оттаму тие станале стандарден инструмент за штимање.
Историски референтната нота на која се штимале оркестрите се менувала, а во епохите кога инструменталната музика станала многу попопуларна од вокалната имало и тенденција тонот постојано да се повишува. Ваквата „тонска инфлација“ се должела на тоа што инструменталистите се натпреварувале еден со друг обидувајќи се да произведат појасен, по „брилијантен“ звук од оној на своите ривали. Ваквата „инфлација“ во одредени периоди станала толку радикална што биле потребни реформи и стандардизирање, особено по барање на пејачите кои се мачеле со високите тонови. Во Франција, на пример, ова довело дури и до изгласување на закон, од 16 февруари 1859, според кој владата го одредила „ла“ над тн. „средно до“ (middle C) со фрекфенција од 435 херци за стандардна нота за штимање. Сепак, ансамбли кои специјализираат на пример барокна музика се штимаат на начин за кој се претпоставува дека ќе даде најавтентичен звук од тој период.
Секако, денес оркестрите би можеле наместо обоа, клавир или виолина да користат електронски штимери, кој веројатно произведуваат поконзистентен и попрецизен тон. Но навистина би било штета да се загуби оваа традиција, со едно продорно „ла“ кое во гужвата го најавува музичкото уживање кое следи.