Застава, ЕИ Ниш: приказни од фабриките

Нова изложба „За фабриките и работниците“ во Музејот на Југославија во Белград тематизира пет големи индустриски постројки, низ кои се отсликува приказната за југословенскиот самоуправен социјализам.

„Застава“ од Крагуевац, рудниците Бор и Мајданпек, ЕИ Ниш и комбинатот „Серво Михаљ“ од Зрењанин, за генерациите кои се сеќаваат на поранешна Југославија се симболи на едно време и на еден систем, според кој средствата за производство треба да бидат во општествена сопственост, а со фабриките да управуваат работниците. 

Музејот на Југославија од Белград во соработка со Музејот на наука и техника постави изложба под наслов „За фабриките и работниците“, која низ голем број артефакти, предмети, документи и фотографии зборува за тој возбидлив и единствен период од колективната историја. Со неа Музејот на Југославија одбележа и 25 години од своето постоење, „како лабораторија за експеримент, креација и истражување на непосредното историско минато“. 

Изложбата тематски се однесува на пет големи индустриски постројки во Србија, кои биле поврзани со севкупниот начин на производство и управување во Југославија. Еден од нив е изложбениот комплекс посветен на фабриката за автомобили Застава во Крагуевац, симбол не само на работничкото самоуправување туку и на индустриското производство во раните 1950-ти во социјалистичка Југославија. Сепак, треба да се земе предвид дека индустриското производство во конкретната фабрика е многу постаро од социјализмот, и почнува некаде во средината на 19 век, во просторот на затечените занаетчиски работилници и домашни погони. Првата индустриска фабрика во Крагуевац е отворена 1853, таканаречена тополивница - фабрика за оружје за потребите на борбата и ослободувањето на Србија од турската окупација. Статуата на работникот кој лее железо, претставена на оваа изложба, и денес стои во фабричкиот круг на Застава. 

Првите автомобили, по лиценцата на фабриката Шевролет, почнуваат да се произведуваат помеѓу двете светски војни, а 1953 се смета за година кога сите вработени работници одлучиле во крагуевачката фабрика масовно да почнат да произведуваат автомобили. Така се појавило и првото фиќо, симболот на желбата на работничката држава секој работник, од Вардара па до Триглава, да ужива во едноставниот народен комфор и со семејството да појде на море.

Рудниците Бор и Мајданпек, кои се исто така дел од изложбата, претставувале некој вид Југославија во мало. Првиот директор на рудникот во Мајданпек бил Словенецот Мирко Бизјак, а илјадници висококвалификувани работници и инженери доаѓале од други републики. Во поставката се вклучени алати за копање, рударски лампи, стари шлемови, кои ја илустрираат самопрегорната „рударска култура“, блиска на идејата на социјализмот: кога рударите се симнувале во окното не било важно ни кој е од која вера и нација, туку дали колку ќе сработи за општото добро и дали жив ќе излезе над земја. 

Работниот морал бил толку висок што работниците во фабриките знаеле и со месеци да работат без плата. Забележан е случај за еден таков од фабриката ЕИ Ниш, кому не му биле исплатени тристотини плати, а тој сепак продолжил да работи. 

ЕИ Ниш почнала да работи од ништо, затоа што на почетокот на 1950-тите на местото на фабриката имало само ниви. Деценија и пол подоцна фабриката воспоставува врски со јапонски, германски и американски електронски фирми. Тој јуриш подразбирал не само работа туку и образование. Така, на изложбата дознаваме дека во Бор и Мајданпек набргу се воспоставени Рударскиот факултет и Институтот за бакар, а Ниш во рок од 10 години станал универзитетски град. Водечкото светско списание Mining Engineering во 1989 го вброил мајданпечкиот рудник помеѓу 12-те најмодерни во светот. 

Лесковац, пак, во кој се развивала текстилната индустрија, во најдобрите години бил нарекуван „српски Манчестер“, а популарното мото било „Да јадеме пиперки и да градиме фабрики“. 

А тогаш, на почетокот на 1990-тите, сè се срушило, како никогаш да не постоело. Фабриките во ерата на фамозната приватизација пропаднаа, се расформираа или се продадени за на нивно место да никне некаков трговски синџир или земјиштето да се искористи за друга, повносна дејност. Истражувачите кои работеле на изложбата, Рифат Куленовиќ и Ада Влајиќ, раскажуваат дека посетата на тие растурени фабрики им била малку тажна. Особено затоа што машините завршиле на отпад, архивата главно е уништена, а преостанатите работници велат дека живеат полошо од нивните родители. А и да постојат некои од тогашните фабрики, тие го бележат датумот на своето постоење тогаш кога им се продадени на странците, а не од датумот кога навистина се основани.

извор

9 февруари 2022 - 08:37