Помеѓу најфасцинантните остатоци од древната римска култура се тн. „предмети што зборуваат“ - широка категорија артефакти кои содржат натпис, искажан во прво лице, како самиот предмет да му се обраќа на оној што го гледа. Такви се на пример надгробните споменици, како и садовите за пиење вино кои ги мотивираат пијачите да се забавуваат. Но понеобични се робовските огрлици кои датираат од четвртиот и петиот век, а се испишани со варијација на изразот „Држи ме! (или Сопри ме) Јас избегав“.
Денес се сочувани и познати околу 45 вакви примери на „ѓердани“ кои се откриени пред појавата на ригорозните археолошки стандарди за документирање на местата и контекстот во кој е пронајден некој остаток. Ова значи дека ние едноставно немаме поим каде па дури и кога точно биле пронајдени најславните ропски ѓердани, како оној наречен ѓерданот на Зонинус, кој денес се наоѓа во Националниот римски музеј (Museo Nazionale Romano). Натписот на него е малку подолг и гласи:
“Fugi, tene me. Cum revoc(a)veris me d(omino) m(eo) Zonino, accipis solidum”
Избегав, задржи ме. Кога ќе ме вратиш на мојот господар Зонинус, ќе добиеш златна пара
Од понеодамнешните наоди на истиот предмет може да се заклучи дека, барем за некои робови, железниот обрач бил постојан, бидејќи тие се пронајдени околу вратот на скелетите. Но други се најдени во отпад и во насипи, веројатно исфрлени од успешните бегалци.
Ослободувањето од нив не претставувало толку физичко олеснување, колку симболично отфрлање на ропството, иако не е јасно дали самите робови би знаеле да го прочитаат натписот и дали биле свесни што тој порачува. Тие така отфрлени станувале знак на отпор, и на деградирачките и болни казни кои ги трпеле додека ги носеле.