Франсес „Скоти" Фитџералд била единственото дете на славните Фицџералдови. На денот на нејзиното раѓање мајка и посакала таа да биде „убава глупача", истото што го посакува за сопствената ќерка Дејзи од „Големиот Гетсби". Франсис сепак станала познат писател и новинар (пишувала за Вашингтон пост и Њујоркер).
Во 1933 таа имала 11 години, била на летно кампување со деца, и таму го добила следново писмо од татка си. Иако познат по раскалашното живеење, Фицџералд во писмото на ќерка си (која ја нарекува Пие) ѝ го советува спротивното - секогаш да биде умерена, и да не се секира. Совет од кој сите може да научиме.
8. август 1933
Тоусон, Метиленд
Драга Пие,
Многу ми значи тоа што си ја вршиш својата обврска. Може ли да ми кажеш нешто повеќе за твоето читање на француски? Мило ми е што си среќна - но не верувам многу во среќата. Не верувам ни во очајот. Ова се работи кои ги гледаш на сцена или на екран или на печатена страница, но тие никогаш не се случуваат така во животот.
Сè во што верувам во животот се наградите за доблест (согласно твоите таленти) и казните за неизвршување на твоите должности, кои се навистина големи. Ако има таква книга во библиотеката во кампот, замоли ја г-ѓа Тајсон да го побара сонетот од Шекспир во кој го има стихот: „Криновите кои скапуваат мирисаат многу полошо од плевелот".
Мислам на тебе, секогаш со пријатно чувство, но ќе го извадам Белиот Мачор и ќе го натепам по газот силно, шест пати за секој пат кога си непослушна. Како реагираш на ова?
Полумудро, ќе заклучам. Работи за кои треба да се грижиш:
Грижи се за храброста
Грижи се за хигиената
Грижи се за делотворноста
Грижи се за јавањето коњи...
Работи за кои не треба да се грижиш:
Не се грижи за јавното мислење
Не се грижи за куклите
Не се грижи за минатото
Не се грижи за иднината
Не се грижи за растењето
Не се грижи ако некој е пред тебе
Не се грижи за триумфот
Не се грижи за неуспехот, освен ако не е по твоја вина
Не се грижи за комарци
Не се грижи за муви
Не се грижи за инсекти општо
Не се грижи за родители
Не се грижи за момчиња
Не се грижи за разочарувања
Не се грижи за задоволства
Не се грижи за сатисфакции
Работи за кои треба да се мисли:
Кон што целам?
Колку сум добра во споредба со моите современици во однос на:
а) образованието
б) дали навистина ги разбирам луѓето и можам да излезам на крај со нив?
в) Дали од моето тело правам корисен инструмент или го запоставувам?
(објавено во Њујорк Тајмс, 1958)