„За грст долари“: стариот вестерн е синхронизиран на јазикот навахо

Славниот филм на Клинт Иствуд е најновиот кој е синхронизиран на јазикот на народот Навахо, после „Војна на ѕвездите“ и „Барајќи го Немо“.

Равонел Јази не е актерка, а пред да добие мала улога која се состои од само две реченици никогаш не влегла во студио, ниту пак го снимила својот глас. Но таа течно го зборува јазикот на народот Навахо. Тоа, заедно со нејзиниот ентузијазам за проектот, направило таа да учествува во синхронизирана верзија на славниот шпагети-вестерн „За грст долари“, кој ќе биде прикажан во кино сали во резерватот на Навахо во текот на овој и следниот месец.

Филмот чиј наслов во превод е Béeso Dah Yiníłjaa, е најновиот проект на Музејот на нацијата Навахо за зачувување на овој јазик, кој и покрај тоа што е најзборуван од домородните во САД, сепак се соочува со постепено изумирање.

Мануелито Вилер, директор на музејот, вели дека на филмот се работело од 2018. Бил планиран за пролетта 2020, но поради пандемијата бил одложен. 

Повеќето од денешните генерации припадници на овој народ го немале гледано филмот од 1964. Помеѓу нив била и спомнатата Равонел, која ја игра улогата на Марисол, убавата жена која е држена како заложничка од мистериозниот туѓинец кој го игра Иствуд. 

До сега Музејот кој се наоѓа во Виндоу Рок, Аризона, ги има синхронизирано Војна на ѕвездите (четвртиот дел), како и „Барајќи го Немо“ на Дизни од 2016. Одлуката за „За грст долари“ паднала бидејќи традиционалните вестерни не нудат позитивни портрети на домородните Американци, туку ги претставуваат како примитивни и брутални. Но во овој филм на Серџо Леоне просто нема северно-американски Индијанци. Плус шпагети-вестерните за разлика од другите имаат впечатливи антихерои, а не бели каубојци со (речиси) супер-моќи. Затоа организаторите на проектот сметале дека тој е добар пример за младите Навахо да бидат запознаени со жанрот и да го вежбаат својот мајчин јазик. 

18 ноември 2021 - 09:03