Сè почнало со коректорска грешка. Во оглас објавен во весник од Колорадо Спрингс во декември 1955, стоковната куќа Сирс вклучила телефонски број на кој децата можеле да комуницираат со Дедо Мраз. Но направиле грешка, па телефонот ѕвонел кај полковник Хари Шуп, на тајната линија на континенталната команда на американското воздухопловство, денес позната како НОРАД.
Трите деца на Шуп, кои денес се на околу 60-годишна возраст, се сеќаваат дека татко им имал два телефона на работната маса, од кој еден црвен. За последниов бројот го имал само еден генерал со четири ѕвездички во Пентагон и нивниот татко. Станува збор за 50-тите, среде Студената војна, кога токму преку оваа линија би се дознало доколку САД биле нападнати од воздух.
Кога тој ден во декември 1955 заѕвонел телефонот и од другата страна се слушнал детски глас со „Дали е тоа Дедо Мраз?“, Шуп најпрвин избувнал. Но потоа детето заплакало и срцето на полковникот омекнало. Почнал да зборува со него, а потоа од мајката дознал дека тие всушност вртеле на број објавен во огласот на Сирс. Кога неколку дена подоцна некој од контролорите на летање на мониторот ставил слика на Дедо Мраз на местото на неидентификуван летечки објект, Шуп во сето ова видел можност за комуникација со јавноста. Било издадено соопштение дека воздухопловната команда почнува со следење на санката на Санта, и дека ќе ги брани САД од „можен напад од оние кои не веруваат во Божик“.
Така, она што почнало како грешка се претворило во долгогодишна традиција на американската војска. Најпрвин желбите на децата и движењето на Дедо мраз биле следени преку телефонска линија, весници, радио и телевизија. но од 1997 и преку посебен сајт, кој во 2014 забележал над 20 милиони посети. Полковникот долго време носел рачно пишувани писма кои му стигнувале од деца низ светот во својата акт-чанта, заклучена како да станува збор за тајни документи.