Можеби ви се случува да држите лутина за нешто што се случило пред години и да важите за „злопамтило“. Кога веќе постои ваков збор во македонскиот, значи дека ваквата особина не била ретка. Сепак терминот има негативна конотација, како нешто што не треба да се биде, бидејќи така му е потешко и на оној што памти зло, и на оној што му е памтено.
Но гавраните (односно целото семејство врани) знаат да држат лутина кон оние што им згрешиле цели - 17 години. Ако некогаш хичкоковски ве нападне птица од овој вид, би морале да се запрашате дали некогаш сте направиле нешто да ја вознемирите конкретната птица или било кој нејзин другар или роднина, во изминатите речиси две децении.
Враните или не се способни или просто не сакаат да простат заканувачко однесување. Наместо тоа тие ја користат својата позната интелигенција, вклучително и алармантно добрата меморија за лица, за да ги прогонуваат и да ги малтретираат своите малтретирачи, во некои случаи и во тек на повеќе години. Ова било повод луѓе дури и да се селат од своето место на живеење.
Џон Марзлуф, еколог од Универзитетот во Вашингтон, почнал да се интересира за враните по непријатен инцидент кој му се случил во 2006. Тој ставил камуфлажна маска на себе и фатил седум врани во мрежа, за да им стави алки за идентификација. Ги пуштил без да ги повреди, но епизодата била трауматична за нив и останатите кои го сведочеле настанот (се мисли на другите птици). Во текот на следните години, кога Марзлуф и неговите колеги ќе поминеле низ истиот предел со маската, тие почнувале агресивно да ги напаѓаат. Во еден момент го сардисале дури 47 птици! Ова е многу поголем број од оние кои го искусиле или сведочеле почетниот инцидент, што значи дека враните учат да ги препознаваат заканувачките поединци од нивните родители и содружници.
Така, во следните години нивниот број драстично се зголемил и достигнал кулминација по седум години. Дури по седумнаесет од настанот за прв пат ниту една врана не го нападнала во истиот регион. Просечниот живот на врана во дивина е 7-8 години, што значи дека е можно и меѓугенерациско пренесување на знаењето за можната опасност.