Книгата се вика „Визуелизирана уметност на војувањето", а авторката е Џесика Хејџи. Нејзиниот став е дека големиот број толкувања на делото на Сун Цу се должи на тоа што тоа може да се чита и како да нема никаква врска со вистинска војна. „Книгата е всушност алатка за креативно разрешување проблеми", вели авторката, којашто на нејзинот популарен блог Indexed се занимава со квази-математичко претставување на концепти од секојдневниот живот.
Нејзиниот интерес за исто такво, визуелно претставување на древните кинески концепти на војувањето и владеењето бил поттикнат кога пронашла дури три примерока од книгата на Сун Цу додека си го чистела подрумот. На нејзино чудење, таа воопшто не била ниту хипермаскулизирана, ниту крвожедна како што би се претпоставувало според насловот. „Војната" во неа е повеќе метафора за секакви ситуации и проблеми со кои се среќаваат луѓето - од најбанални, до такви кои можат да го променат светот.
Еве неколку изреки на Сун Цу, а илустрирани од Хејџи :
„Кога се впушташ во вистинска борба, доколку победата се одолговлекува, тогаш оружјата се заморуваат и нивната острица затапува.“
„Во војна нека твојата голема цел биде победата, а не долгите битки. Водачот на армиите е оној кој ја одредува судбината на луѓето, тоа е човекот од кого зависи дали нацијата ќе живее во мир или во опасност"
„Добриот борец е способен да се обезбеди од пораз, но не може да биде сигурен дека ќе го победи непријателот. Оттаму изреката: Човек може да знае како да освојува, дури и без да биде способен тоа да го стори"
Некои од изрекиве звучат баш актуелно, дури и невизуелизирани. Ама претставени како дијаграми им стануваат јасни и на најнеупатените во умешноста, уметноста или валканоста на водењето политика.