Везачи, кажете како да се роди...

Везењето денес можеби изгледа како старомодна домашна вештина, но приказната за оваа техника е многу постара и многу пошаренолика. Со конец, игла и парче ткаенина луѓето со векови создавувале украси, слики и цели визуелни приказни. „Луѓето“, затоа што не секогаш везилките биле само жени.

Најстарите траги од везење датираат уште од античките времиња, а техниката низ вековите се развивала во огромен број различни форми. Интересно е и тоа што везењето не било отсекогаш исклучиво женска работа. Во раносредновековна Европа постепено се поврзало со женската домашна работа и станало своевидна „женска доблест“, но во Византија, на пример, со везење се занимавале и мажи и жени.

Подоцна, со развојот на градските еснафи од дванаесеттиот век, професионалното везење станало регулирана работа, па во некои европски градови мажите дури доминирале во оваа професија. Везеле за црквата и за богатите слоеви, создавајќи раскошни предмети и облеки. Дури во седумнаесеттиот и осумнаесеттиот век, кога везењето сè повеќе се преселило во домот, повторно почнало да се смета за типично женска вештина.

Но поделбата никогаш не била иста насекаде. Во некои африкански традиции, на пример, токму мажите традиционално биле оние што везеле, додека жените почнале посериозно да се вклучуваат во оваа практика дури во поново време. Тоа покажува дека идејата дека везењето „припаѓа“ на одреден пол е културна навика, а не некакво универзално правило.

Таканаречениот „црни вез“ има подолга историја во Англија. Се споменува уште во делата на Џефри Чосер, а особено се проширил откако Катерина Арагонска го донела од Шпанија кога се омажила за Хенри Осми. Како што кажува името, традиционално се работи со црн конец на рамномерно ткаено ленено платно. Старите геометриски шари со текот на времето станале сè посложени, а денес со различна дебелина на конецот може да се создадат дури и реалистични слики со сенки и преливи.

(вез од ракав на носија од Скопска Црна Гора)

Најсликовитата техника можеби е свилениот вез, познат и како „сликање со игла“. Потекнува од Кина, каде што се развивал меѓу десеттиот и тринаесеттиот век. Со долги и кратки бодови, поставени во постепени преливи, конецот создава сенки и нијанси што можат да изгледаат речиси како насликана слика. Токму затоа оваа техника често се користи за реалистични претстави на луѓе, животни и цвеќе.

И тоа се само четири од огромниот свет на везот. Постои бел вез со бел конец на бело платно, сложениот златен вез што се користел за кралски и крунидбени облеки, како и бројни традиции од Азија, Африка и други делови од светот. Индискиот ари-вез, на пример, се создава со специјална кукичка со која се прават непрекинати редови од синџирест бод.

Во македонската народна традиција везењето било вештина што требало да ја совлада секоја девојка пред мажењето. Сепак, постоеле посебно вешти мајсторки кои работеле посложени техники. Некои од нив се ограничени и на определени области, а имаат и многу интересни одделни имиња - повеќето веруваме денес заборавени. Такви се мијачкиот вез "кинатица", дебарскиот "кесме", "скорците" од Дебарски Дримкол и "нофтено" од Струшко Поле, "писани" и "грабени везови" од Прилепско-битолско Поле и Мариово и др.

Можеби токму во тоа лежи и современата привлечност на везењето. Тоа е бавна техника во време кога речиси сè околу нас се забрзува. Наместо бескрајно скролање, човек седи со парче ткаенина и со рацете создава нешто што не може да се направи со едно притискање на копче. Истовремено, зад секој бод стои долга историја на знаења, вкусови и културни навики.

24 август 2026 - 08:34