Едното е масовна забава и голем бизнис, другото „елитна“ занимација на оние кои ги создаваат уметничките дела и оние кои ги купуваат или оценуваат. Но овие културни стереотипи се спојуваат во нова изложба која пригодно е организирана во текот на Светското првенство.
„Светската игра: фудбалот и современата уметност“ може да се посети во музејот Перез во Мајами до 2 септември. Таа покрива сè, од навивање и фудбалски фанатизам, преку политика, национализам, до поединечни спортски херои. Во седум сали се изложени 50 дела од 40 уметници, меѓу кои најпознат е Енди Ворхол.
Некои од артефактите вклучуваат издувани фудбалски топки, видеа на хаотична стадионска публика и копачки украсени со црвен штрас Еден од претставените уметници е Кехинде Вили, кој стана славен откако тој беше одбран да го наслика претседателскиот портрет на Барак Обама. Неговото дело е слика на камерунскиот напаѓач Семјуел Ето’о. Неговиот колега, пак, гватемалскиот уметник Дарио Ескобар има направено инсталација од дупнати топки кои висат од ѕидот како лустери.
Најстарото дело е сепак портретот на Ворхол, на шампионот Пеле. Кога бил насликан во 1975, фудбалерот изјавил: „Тој му даде континуитет на мојот живот, и ја пренесе мојата порака и вон фудбалскиот стадион“.