Карл Роџерс бил еден од најпознатите психолози на 20 век. Помеѓу неговите достигнувања е едно кое на прво слушање делува прилично банално - тоа што промовирал слушање на она што го зборуваат другите. Неговите истражувања се фокусирале на терапевтски контексти, но тој не правел разлика помеѓу ова и секојдневниот живот. „Што и да имам научено“, напишал тој, „е применливо во сите мои човечки односи“. А она што го научил е добро да слуша - што значи и добро да води разговор и да поставува такви прашања кои ќе го движат муабетот напред.
Роден во 1902 во Чикаго, Роџерс бил воспитан во верски дух. Како млад човек изгледал предодреден за свештеник. Но во 1926 се запишал на Универзитетот Колумбија, на психологија, тогаш толку нова и „тренди“ дисциплина што само неколку години порано, во текот на преговори за Договорот од Версај, Фројд тајно го советувал американскиот амбасадор во Париз.
Раните истражувања на Роџерс се фокусирале на децата-деликвенти, но до 1940-тите развил нов пристап кон психотерапијата, кој е наречен „хуманистички“ или „фокусиран на личноста“. За разлика од Фројд, верувал дека сите имаме „силно позитивни тенденции за насочување“. Несреќните луѓе не се „скршени“ туку „блокирани“. Оттаму, терапевтот не требало да биде решавач на проблеми (како во психоанализата или бихејвиоризмот) aми повеќе како вешта „бабица“, извлекувајќи решенија кои веќе постојат во пациентот. Наместо да се интервенира во неговиот живот, она што психологот или психијатарот требало да го прави е да го ослободи и зајакне, а тоа најдобро можел да го направи преку активно слушање.
Ваквите негови ставови денес се широко прифатени, но и уште понеопходни отколку во времето на Роџерс. „Вревата“ која ја блокира човечката комуникација е станата уште погласна, а нештата кои го одземаат вниманието на слушателот уште поагресивни. Во такви околности емпатичниот „скок“ станува вистински потфат. Затоа што тој подразбира трпение а не скокање на секој искажан став на соговорникот. Се интервенира кога тоа се бара или кога тоа е очигледно добредојдено. Сето останато време само се слуша, без да се врти муабетот кон себеси.
Работата на активниот слушател е само да биде тука, да се фокусира на мислење СО луѓето наместо ЗА или ВО ВРСКА со нив. Притоа се регистрира и содржината на она што е кажано но и чувството или ставот кој лежи во основата. И за ова не мора човек да е обучен терапевт, туку просто заинтересиран за приказната на другиот.
Види претходно: Шест правила на Ерих Фром за слушање други луѓе