Писателската кариера на Мартин МекДона („Три билборди вон Ебинг, Мисури“, „Седум психопати“, „Во Бриж“ и најновиот „Наречниците од Инишерин“) започнала во театар. Во 1994, на 24 години, тој во седум месеци напишал дури седум драми. До моментот кога наполнил 27, бил првиот човек по Шекспир со четири негови претстави кои истовремено се играле во Лондон.
Кога во 2004 влегол во светот на филмот со краткиот „Сикс Шутер“ (за кој добил Оскар), во него било видливо театарското влијание. Тоа се чувствува до денес, а како негово најголемо влијание се наведува неговиот сонародник, Семјуел Бекет, со дијалозите кои се истовремено кратки и апсурдни.
Неговиот најнов филм всушност започнал како драма - обид да се комплетира трилогијата за островите Аран, во комплет со „Сакатиот од Инишман“ и „Поручникот“. Сепак, МекДона почувствувал дека приказната не функционира толку добро на театарска сцена и седнал да го пренапише за екран, малку менувајќи го насловот кој првично гласел „Наречниците од Инишер“ (Инишер е вистински остров, Инишерин е измислен).
Исто како и кај Бекет, и тука се фузираат традиционалните елементи на трагедијата и комедијата за да се создаде длабоко сериозно расположение, но низ поттекст кој е крајно хумористичен. Бекетовите драми се всушност смешни но истовремено го допираат дното на тагата која луѓето ја искусуваат како резултат на апсурдното отсуство на значење во нивните животи.
Она што е навидум секојдневно (голиот фиктивен остров, на пример), баналното (минувањето цели денови во пабот) и апсурдноста на животот (фактот дека двајца возрасни луѓе се караат затоа што едниот мисли дека другиот е досаден) се комбинираат, но не само поради нивната едноставна наративна вредност, туку како начин да се осветли вистинското значење на животот.
„Веројатно одам по линијата која води помеѓу комедијата и суровоста бидејќи мислам дека едното го осветлува другото. Сурови сме, нели? Ние сите сме екстремни на некој начин или во некој момент, и тоа е она со што се занимава драмата, уште од старите Грци“, има изјавено МекДона. „Има моменти кога можеш да забележиш нешто пристојно, животноафирмирачко дури и во најзлобниот лик. Тука лежи вистинската уметност. Секогаш ми се сомнителни ликови кои се прикажани како прекрасни, чесни човечки суштества. Ми доаѓа мислата каде ли лежи нивната мрачната страна“.
И кај Бекет оваа повеќезначност е една од централните теми - на пример отсуството на контекст и биографски детали за Владимир и Естрагон во „Чекајќи го Годо“, или отсуство на дефинитивен одговор на тоа кој е самиот Годо. МекДона никогаш јавно не го истакнал влијанието на неговиот постар колега, но една ваква анализа може да ги покаже сличностите на нивните светогледи и мајсторско перо.