Доделена Букеровата награда за 2013

Толку млада, а толку Букер

Eленор Катон, со нејзините 28 години, е најмладата добитничка на наградата која ја доби за романот „Луминати" (The Luminaries), роман на 848 страници - најдолгиот кој некогаш добил Букер.

Вчера (вторник, 15.10) во Лондон беше доделена најпрестижната книжевна награда во Британија, која се доделува на годишно ниво на роман од Британија, Ирска или земјите од Комонвелтот. Младата Еленор Катон доби 50,000 британски фунти (околу 60,000 евра) за романот The Luminaries (Луминати), кој претставува импресивна приказна лоцирана во 19-вековниот Нов Зеланд, и се фокусира на прашањата на идентитетот, алчноста и човечките слабости.

Катон е родена во Канада, но пораснала во Кристчрч, Нов Зеланд. Таа при примањето на наградата најмногу му се заблагодарила на издавачот, со оглед на тоа што нејзиниот роман на 848 страници за него претставувал „издавачки кошмар". Тоа е и најдолгата книга која некогаш добила Букер.

Овогодишната церемонија беше пренесувана во живо од Гилдхол во Лондон, и е последна пред влегувањето на Американците во игра за наградата следната година. Имено, во септември оваа година Фондацијата за Букеровата награда објави дека од 2014 во конкуренција ќе влегуваат сите романи напишани на англиски и објавени во Британија, без оглед на националноста на нивните автори, што предизвика лавина реакции, особено помеѓу Британците (за нив пишувавме тука). Џонатан Тејлор, раководител на фондацијата, тогаш напиша: „Тоа што не им е дозволено на сите кои пишуваат фикција на англиски да учествуваат е како Кинезите да се исклучени од Олимписките игри". Но во случајов „Кинезите" се Американци, и има големи шанси да бидат постојано идните фаворити за наградата.

Првиот роман на Катон, „Пробата" беше исто така широко фален и номиниран за различни признанија. Новиот, сега награден роман почнала да го пишува на 25 години. И покрај нејзината возраст комисијата изјавила дека „Зрелоста е очигледна во секоја нејзина реченица, во ритамот и во рамнотежата".

Минатата година добитничка беше Хилари Мантел (по втор пат освојувајќи го Букер), за Wolf Hall.

16 октомври 2013 - 09:00