преписка

Толкин до нацистите: „Жалам, не сум Евреин“

Во 1938., неколку месеци по првото објавување на „Хобит", Толкин и неговиот британски издавач, Стенли Анвин, почнале преговори со издавачка куќа од Берлин, која сакала да го преведе романот за германскиот пазар. Сè било во најдобар ред, додека Толкин не добил писмо од Германциве, во кое од него се барало да го докаже неговото ариевско потекло.

 

Како одговор на ова барање, Толкин на својот издавач му испратил две писма - едно во кое прашањето некако се заобиколува, и второ, кое го објавуваме, во кое бесно реагира. До денес не е познато кое од нив било испратено во Берлин. 

25. јули 1938
Ул. Нортмор бр. 20
Оксфорд

Почитувани,

Ви благодарам за писмото. За жал, не ми е јасно што подразбирате под „ариевско". Јас немам такво, односно индо-иранско потекло; колку што ми е познато ниту еден од моите претци не зборувале хинди, персиски, ромски или кои и да е од блиските дијалекти на овие јазици. Но, доколку прашувате дали имам еврејско потекло, можам само со жалење да констатирам дека немам претци од овој надарен народ. Мојот пра-пра-прадедо дошол во Англија во 18. век од Германија: најголемиот број мои претци оттаму се чисти Англичани, и јас самиот сум граѓанин на Британија - што би требало да е доволно. Сепак се навикнав да се гордеам на моето германско име (целосното име на Толкин е Џон Роналд Руел - заб.прев.), и продолжив да се чувствувам така дури и во текот на последната несреќна војна, во која служев во англиската армија. Сепак, не можам да се воздржам од коментарот дека доколку вакви дрски и нерелевантни прашања од овој тип станат правило во книжевноста, тогаш нема да мине долго време пред германското име да престане да ми биде извор на гордост.

Вашето прашање без сомнение е поставено за да биде во согласност со законите на вашата земја, но тоа значи дека тоа не треба да важи за граѓани на друга држава, дури и кога тоа би имало (а нема) каква и да е врска со вредноста на моето дело и податноста за негово објавување, за што бевте заинтересирани претходно без оглед на мојот Abstammung.

Со уверување дека овој одговор ќе ве задоволи

Ваш,

Џ. Р. Р. Толкин

13 март 2012 - 08:18