„Тезата на Ниче“ или колку се лажеме дека не нè лажат

Идејата за „епистемичка будност“ вели дека луѓето се природно обучени да детектираат лаги и да проценуваат колку можат да се потпрат на зборот на другиет. Но има и филозофи кои велат дека луѓето не се до толку прецизни детектори на лага како што се мисли.

Што би рекол доктор Хаус, луѓето лажат, цело време. Веројатно и ние, сакајќи или не, во последниве 24 часа сме придонеле за статистиката според која повеќето од нас лажат околу 30 пати дневно. Тоа е еден од најзначајните трикови што ги имаме за да се здобиеме со предност во однос на другите. Така, човечката комуникација често вклучува „тактичка вежба“ во која некој се обидува да ве излаже, а вие развивате алатки за да го разоткриете нивниот блеф. 

Ваквата појава довело до тоа филозофи и психолози да го создадат терминот „епистемичка будност“. Според овој аргумент луѓето поседуваат арсенал алатки за да идентификуваат лаги. Во често цитиран текст на оваа тема од 2010 објавен во списанието Mind&Language, авторите тврдеа дека „луѓето имаат збир когнитивни механизми кои го таргетираат ризикот од тоа да бидат погрешно информирани од другите“. Кажано на поинаков начин, дека имаме вградено детектор на лаги.

Но во неодамнешна студија се тврди токму спротивното - дека е време да не се лажеме за тоа колку се лажеме. 

Еден од авторите на истата, филозофот Џозеф Шибер, не го негира фактот дека се обидуваме да бидеме будни, односно на штрек кога се во прашање постапките на другите луѓе кон нас. Но будноста не значи и прецизност на нашите толкувања. И покрај децениите истражувања, наодите се конзистентни во тоа што покажуваат дека луѓето се едноставно наивни кога треба да детектираат измама. Дури и да имаме вграден детектор за лаги, тој не е добро баждарен, лесно се исклучува и често пати е дефокусиран поради други нешта. 

Значи „штрекот“ не е епистемички, односно не се базира на некакво инхерентно знаење, појава за која Шибер го креирал терминот „Ничеовата теза“. Тој вели дека нашата првична цел во разговорите не е да се здобиеме со вистинити информации, туку да се само-претставиме. Со други зборови, ги прифаќаме или одбиваме исказите на другите врз основа на крајно практични цели, без оглед на нивната вистинитост. Со зборовите на Фридрих Ниче, бараме и прифаќаме вистини само ако тие имаат по нас „пријатни, животозапазувачки последици“. Обратно, непријателски сме настроени кон „потенцијално штетни и деструктивни вистини“. Ова, значи, не е епистемичка будност, туку макијавелистичка. 

Тезата на Шибер поттикнува значајни прашања не само за филозофијата, но и за правото: ако луѓето не се програмирани за вистина, тогаш колку е релевантно нивното сведочење? На ова треба да се потсеќаваме при нашите интеракции едни со други, но и кога читаме, слушаме или гледаме нешта онлајн. Добро е да знаеме дека сме истовремено и многу лоши во детектирањето на вистината, но и дека таа па и не нè интересира премногу. 

извор

25 март 2025 - 12:56