Тепачка за чипови: борбата за најважната технологија на светот

Нова книга тврди дека сфаќањето на еволуцијата на индустријата за производство на чипови, и разликите помеѓу неа и останатите кои до сега предизвикувале глобални судири, е клучна за предвидување на геополитиката во иднина. Денес воената, економската и геополитичката моќ се темелат на компјутерски чипови. Кој ќе ги има нив, тој ќе ја има и моќта.

Според информатичкиот канон, постојат неколку клучни моменти кои ја дефинирале историјата на компјутерското инженерство. Вообичаено се почнува со 1937, кога британскиот математичар Алан Туринг објавил статија во која предложил конструирање „универзална компјутерска машина“. Истата година, американскиот инженер Клод Шанон сугерирал дека електричните прекинувачи за вклучување и исклучување можат да изведуваат логички операции со помош на Булова алгебра. Во следната декада, овие две нешта се споиле во првите дигитални компјутери кои можеле да се програмираат - машини како ЕНИАК, составена во Филаделфија во 1945, која се користела за воени потреби.

Во меѓувреме, во 1947, истражувачите во Беллабс го измислиле транзисторот. Овие уреди што работат на принципите на физиката на цврсто тело, изработени од полупроводници како германиум и силициум, набргу ги замениле покабастите вакуумски цевки кои биле и големи потрошувачи на струја, а со кои биле опремени раните дигитални компјутери.

Околу една деценија подоцна, двајца инженери и две различни компании - Џек Килби во Тексас инструментс и Роберт Нојс во Ферчајлд Семикондактор - независно го измислиле интегралното коло. Апаратот се состоел од збир електронски компоненти, вклучително и транзистори, споени на чипови од полупроводнички материјал. На овој начин можело да се трупаат повеќе транзистори во сè поевтини интегрирани кола, нешто што се предвидувало дека може да трае со години. Ова пророштво било направено од Гордон Мур, ко-основачот на Ферчајлд Семикондактор и Интел, кој во 1965 кажал нешто што подоцна станало познато како „Муров закон“: бројот на транзисторите во интегрирано коло ќе се зголемува секои две години. Ова подразбирало дека напредокот во оваа област ќе стане побрз и поефикасен. 

Во моментов насекаде околу нас има транзистори, иако не сме свесни колкав е нивниот број. Во новиот ајфон А 15, на пример, ги има дури 15 милијарди! Овие он-оф прекинувачи се најпроизведуваниот продукт во целата човечка историја.

Во нова книга „Војна на чипови: борбата за најкритичната технологија на  светот“, историчарот Крис Милер се фокусира на оваа технологија, но од поинаков агол. Неговите истражувања не се толку поврзани со технолошки или културолошки настани, туку со геополитички промени во глобалната индустрија на полупроводници. На пример, во 1968 индустрискиот гигант Тексас Инструментс ја отворил својата прва фабрика во Тајван. Оваа навидум наивна корпоративна одлука предизвикала целосна промена во целата електронска индустрија, бидејќи центрите на производство се преселиле од САД во Источна Азија, а подоцна и Кина. 

Низ годините, експертите ги имаат наречено чиповите „новата нафта“ бидејќи станува збор за стратешки значаен глобален производ кој е суштински за функционирањето на современото општество. Државите често војувале за нафта. А следните војни можеби ќе бидат за чипови, односно за материјалите од коишто тие се прават.

Сепак, има разлика помеѓу нафтата, која е природен ресурс со ограничен опсег и компјутерските чипови кои се прават од луѓе (и нивните коорпорации) во специфични региони, додека силициумот е втор елемент по изобилност на планетата. Како што вели моменталниот извршен директор на Интел, Патрик Гелсингер, „Бог одлучил каде ќе има резерви на нафта, а ние одлучуваме каде ќе има фабрики за чипови“. Освен тоа, мал број земји доминираат со производството на нафта на начин на којшто државите како Тајван или Јужна Кореја доминираат со производството на чипови. 

Сфаќањето на еволуцијата на оваа индустрија и разликите помеѓу неа и останатите кои до сега предизвикувале глобални судири е клучна за предвидување на геополитиката во иднина. Денес воената, економската и геополитичката моќ се темелат на компјутерски чипови. Речиси сè, од ракети до микробранови печки, од смарт телефони до берзата, работи на полупроводници. Кина во моментов вложува милијарди во иницијативи за правење чипови за да може да ги престигне САД. А тоа лесно може да се „преведе“ не само во економски просперитет туку и во воена супериорност. 

8 октомври 2022 - 12:14